Македонија

Француско Интернационално училиште, образование на француски јазик во Македонија

Француско Интернационално училиште, образование на француски јазик во Македонија

Француското Интернационално училиште во Скопје е единствениот образовен центар каде целата настава се одвива на француски јазик. Новото основно училиште нуди едукација според програмата на Министерството за образование на Република Франција од каде и е акредитирано. Целата настава се изведува на француски јазик, додека пак македонскиот како и англискиот јазик се изучуваат по 5 часа неделно.

Француското меѓународно училиште е раководено од Здружението на родители на деца франкофони (АПЕФ), Претседател на Управниот Одбор и сопственик е Жан Франсоа Ле Рок, бизнисмен кој веќе 17 години своите бизниси ги шири на Балканот.

„Постоењето на Француското Интернационално Училиште во Скопје и развој од градинка во основно училиште значи пораст на француското присуство во Македонија што ќе биде основа за дополнителен развој на економските и трговски врски меѓу двете земји. Не се сомневам дека квалитетното и докажано образование ќе привлече многубројни странски дипломати, француски доселеници и деловни локални луѓе“, изјави Ле Рок, претседател на Управниот одбор на училиштето.

Наставата ја водат професори од Франција, високообразовани, динамични и професионални со долгогодишно искуство во тамошниот образовен систем. Во воспитно-образовниот процес преовладува индивидуалниот пристап.

„Училиштето ги следи програмите и организацијата на Министерството за образование на Франција и ги исполнува критериумите на француските училишта во странство што подразбира усогласеност со основните принципи на еднаквост, слобода и секуларизам. Сето тоа дава меѓународно признато и висококвалитетно образование. Индивидуалниот пристап и малиот број на ученици во одделенијата се додатна гаранција за успешниот воспитно-образовен процес“, дополни Ле Рок.

Француското Интернационално училиште издава свидетелства признати насекаде во светот, исто како ученикот своето образование да го завршил во Република Франција. Во контекст на тоа во денешниот глобален свет, францускиот модел на образование е единствена глобална алтернатива на англо-саксонскиот образовен систем.