Французин повеќе од еден месец не знаел дека станал милионер

Еден Французин добил на лото и чекал повеќе од еден месец пред да оди да ја подигне премијата за која мислел дека изнесува 5.000 евра.

Меѓутоа, кога отишол по својата „скромна“ добивка, останал шокиран кога дознал дека премијата всушност изнесува 73 милиони евра.

Милионската добивка, седма по висина во историјата на игри на среќа во Франција, била извлечна на 2 декември.

Среќниот добитник не го гледал извлекувањето на броевите на лотото „Евромилиони“ и кога отишол за проверка на тикетот на вообичаеното продажно место, продавачката му рекла дека добил 5.000 евра и дека за таква премија мора да се обрати во експозитура на француската лотарија. Но, кога отишол во лотаријата, му кажале дека е добитник на милионска премија.

– Да се јавев три недели подоцна немаше да добијам ништо. За среќа се заврши добро. Кога само ќе помислам дека не бев свесен оти повеќе од еден месец во паричникот носев лото ливче вредно 73 милиони, изјави среќниот Французин, кој побарал да остане анонимен.

Тој вели дека редовно играл игри на среќа, но дека никогаш досега не добил ништо.

–  Играв со надеж дека еден ден ќе освојам некоја мала сума, додава новопечениот милионер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.