Французите го избираат претседателот меѓу Макрон и Лепен

(© REUTERS / Emmanuel Foudrot)

Французите гласаат во неделата во вториот круг за претседателот на Петтата република, на кој 47,5 милиони избирачи ќе одлучат дали нивниот нов претседател ќе биде центристот Емануел Макрон или лидерката на крајната десница Марин Лепен.

Претседателските избори во ткн Петта република се одржуваат по единаесетти пат, и тие ќе станат историски без разлика на тоа кој ќе победи, зашто доколку победи 48-годишната Марин Лепен таа ќе биде првата жена шеф на француската држава и прва припадничка на крајната десница, а доколку биде изгласан Емануел Макрон со своите 39 години ќе биде најмладиот претседател, и ќе биде првпат по многу долго време претседател да стане личност која не е кандидирана од една од двете етаблирани големи партии од десницата и левицата.

Двајцата се на спротивните страни на политичкиот спектар. Макрон се претстави како социјален либерал и нуди зајакната, компетитивна француска економија, отворена кон светот. Лепен, пак, иако својата партија ја оддалечи од антисемистичката и ксенофобична реторика, е решителна да го поврати она што го нарекува загубен француски суверенитет и да го сопре доселувањето во земјата.

Според последните анкети, иако разликата по првиот круг изнесуваше малку повеќе од 2 процентни поени, Макрон има предност од 23 до 26 отсто, во прв ред поради традиционалните повици на другите кандидати и на двете најголеми партии да се гласа против Националниот фронт на Лепен.

Меѓутоа, аналитичарите постојано предупредуваат на можно изненадување, како во случајот на ланскиот успех на Брегзитот на референдумот и неочекуваната победа на Доналд Трамп на американските претседателски избори. Покрај тоа, засега е непознато и дали и во копја мерка ќе влијаат врз изборите и „масивниот и координиран“ хакерски напад на кој се жалеа од штабот на Макрон. Тие наводно халирани електронски пораки и документи беа објавени во петокот ноќта, на интернет, неколку часа пред настапувањето на изборниот молк.

Околу 67.000 избирачки места беа отворени во 8 часот, а избирачите од француските прекуморски територии и на западната хемисфера гласаа во саботата.

Се стравува дека одѕивот во вториот круг може да биде најнискиот од 1969 година, па гласачите на избирачките кутии се канат на најразлични начини. На избирачите им се нудат бесплатни кроасани, алкохолни пијалаци, па дури и обезбеден такси превоз, пренесуваат агенциите.

Првите резултати се очекуваат вечерва по 20 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.