Французите ќе се задоволат само со титулата во Данска

Откако на Европското првенство во Србија не успеаја да се пласираат ниту во полуфиналето, ракометарите на Франција посакуваат да се вратат на тронот на континенталниот шампионат во Данска (12 – 26 јануари).

Но, свесни се дека патот до третото европско злато нема да им биде лесен , што потврди и селекторот на “триколорите” Клод Онеста.

“Данска игра на домашен терен и неспорно е дека е фаворит, но мислам дека ние сега не сме во центарот на вниманието , што би можело да биде добро за нас“, изјави Онеста.

Французите имаат многу проблем со повредени играчи, а во Данска нема да настапат Бертран Жил, Ксавие Бараше, неизвесен за настап е голманот Тиери Омејер, додека Жером Фернандез неодамна се опорави од повредата на дланката.

Фернандез најверојатно ќе ја пропушти првата фаза во која Франција ќе игра против Србија, Полска и Русија.