Франсоа Оланд денеска во историска посета на Куба

Францускиот претседател Франсоа Оланд денеска ја почнува историската посета на Куба и тој е прв шеф на некоја западна земја кој пристигна во Хавана по најавата за одмрзнување на односите меѓу таа држава и САД, објави МИА.

Целта на посетата е застапување на француските и европските интереси во земјата, која би можела да тргне по патот на економски отварање.

– Доаѓам со многу емоции, бидејќи ова е првпат еден француски претседател да пристигнува на Куба, рече Оланд по пристигнувањето.

– Идејата на ова патување е Франција да биде прва, во име на Европа меѓу западните земји, која ќе им каже на Кубанците дека сме со нив доколку одлучат да ги почнат потребните фази на отворање, рече Оланд.

Тој вечерва е планирано да се сретне со својот кубански колега Раул Кастро.

Оланд изјави дека кубанската фаза за време на неговата петдневна посета на Карибите, на некој начин ќе биде историска. Во Хавана Франција планира да ги зајакне врските, кои беа воспоставени пред околу една годинина кога во посета на Куба беше францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус.

Како десетти економски партнер на Куба, Франција сака да ја зајакне својата присутност на кубанскиот пазар и да овозможи со неа да се случи кубанското економско отварање.

Оланд е придружуван од голем број директори на француски компании и најмалку седум министри и државни секретари.