Фрчковски: Собранието ќе продолжи да си работи, можни се избори само за 34 пратеници

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на крајот од изборниот ден објави дека поради низата нерегуларности, притисоци и континуирано поткупување на гласачите, не ги признава изборите и нема да ги прифати пратеничките мандати.

Освоените пратенички мандати, поединечно треба да се верификуваат во ДИК. Според членот 153 од Изборниот законик, ако на пратеник кој е избран од листата на кандидати му престане мандатот според еден од основите утврдени во член 152 од овој закон, тогаш за остатокот од мандатот, пратеник во Собранието станува наредниот кандидат од листата. Во случај кога е исцрпена листата на кандидати, остварувањето на ова право почнува повторно од почетокот на истата листа на кандидати.

Според професорката Рената Десковска, која беше и претставник на СДСМ во подготовката на измените на Законикот, а воедно и носител на листата на СДСМ во ИЕ1, вели дека ДИК ќе мора постојано да ги нуди мандатите, односно кога ќе дојде до крај на листата, пак треба да тргне од почеток. Законикот предвидува распишување дополнителни избори за испразнетите пратенички места, но ако се исцрпени основите за стекнување мандат, а тоа е во случај на оставка на пратеникот, казна затвор подолга од пет години, лишеност од деловна способност, но не е спомената ситуација во која не се верификува мандатот поради непризнавање на изборните резултати.

Иако во Собранието треба да има 123 пратеника, и универзитетскиот професор Љубомир Фрчковски се сложува дека во ваков случај, парламентот може да се конституира и без пратениците на СДСМ.

„Собранието ќе продолжи да си работи, а можни се дополнителни избори само за 34 пратеници“, вели Фрчкоски во изјава за Плусинфо.

Тој додава дека барањето за техничка влада од страна на СДСМ е неостварливо затоа што тоа нема да го прифати ВМРО-ДПМНЕ.

„За техничка влада треба да постигнат договор сите партии и тие да учествуваат со свои експерти во нејзиното формирање. Потоа, во рок од 6 до 12 месеци би требало да се распишат нови избори, но тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го прифати“, тврди Фрчкоски.