Фришоп

Имало лек за спас од турскиве серии. Секои шест месеци да имаме избори.

Само политика може да ги загрози ликовите од турските мелодрами во кои се венее од љубов, вообичаено забранета, што е стандард за нашиве ориентални емисии да се патетише кон туѓа жена.

Дека е тоа ориентално упражњавање на емисии доказ е и однесувањето на Обама кон данската премиерка Хелен Торнин Шмит. На Комеморацијата организирана за Нелсон Мандела Обама во најдобро мачо расположение, при жива и здрава намуртена и збунета Мишел Обама до себе, и се пушти на Данкињава пред сите. Море осмеси, море увлкеуење… батали што е погребна атмосфера. Замисли да се сретнеа на некоја забава. Ориентална. Со дување наргиле и полумрачен амбиент… не му гинеше Левински. Ако не и подобро.

Тоа може да се види само во овој, ориенталниов дел од светот. На другите места не се гледа. Се троши, упражњава до бесвест и се раскажува потоа.

Сега разбирам зошто некои некои државници, како нашиве на пример, не отидоа на поменот на Мандела. Се испостави дека тоа било забава, а нашиве жени се познати по својата љубомора. Мишел Обама како да е од нашиве, ама го издржа погребното удварање на Обама на нозе. Барем пред камерите. Што било потоа, они си знаат.

Настанот ја покри гледаноста на турските серии. Барем за кратко. Кратко, ама доволно да се покаже дека политиката пружа забава која ја нема ни во сапуниците.

Во која серија, сапуница, од каде и да е, можете да видите такви глупости како во кампањава на СеДеСето.

Најновата е дека првиот викенд во септември граѓаните ќе купувале без ДДВ. Све ќе биде 20 посто поевтино, затоа што СДСМ така давал.

Замисли ги само трговциве какви дубари ќе монтираат, само прометот да им се брои во тој викенд, да не платат ДДВ. Два дена државата ќе престане да постои. Ќе се пуни бензин во буриња, таков, дваесет посто поевтин, да ти трае до Нова година. Ќе се тепа народ по автосалони и техномаркети кој попрво да земе кола, телевизор или перална баш тој викенд кога не се плаќа данок… Фирмите ќе пуштаат фактури без ДДВ за се што шест месеци претходно работеле. Тоа ќе биде викенд-војна за грабање и превари.

Ќе нагрнат од соседството, и шуто и рогато, од Приштина до Костур и Ќустендил, да се купи се што може да се плати поевтино, без данок во Македонија.

Инаку, даноциве се главна предизборна преокупација на Заев и неговите.
Прво, месец дена, фрлаа јадици дека данок нема ни да се плаќа. Данокот ќе им се враќал на граѓаните за се што купиле претходниот месец. Прибидејќи таа јадица не помина, како општопрепознаена измама, во очај се оди понатаму. Колку коцкарот повеќе губи, толку поочајни и поневозможни му се комбинациите да се отфитани. И се така…

Секој викенд има нова јадица. Нова забава.
Како тргнале овие од СеДеСето, ќе ги упропастат фудбалските преноси од Евролига, Икс фактор и турските серии. Дефинитивно. Степенот на забава кој го приредуваат Заев и неговите лаици ги надминува очекувањата и најдепресивните гледачи.

Како оној малиот што неодамна во живо, на Фејсбук, решил да привлече внимание со тоа што ќе си ја запали куќата и ќе се самоубие. Никој не го прекандисуваше. Над девет милиони луѓе учествуваа на Фејсбук и Скајп во таа забава, само за да им биде забавно. Детето настрада. И тоа се случи за викенд. Време на досада и депресија.

Како што сега ние никој нема намера да им помогне на Заев и неговите. Да не ја палат куќава и политички да се самоубиваат. На народ му е тоа забавно, и тоа тие.

После оној 15 септември, кога Бранко ветуваше по едно вработување за секоја куќа, после таа јадица заглавена во грлото за долго време… садомазохизмот на СДСМ не наоѓа партнер меѓу граѓаните. Садомазо за викенд.

Тогаш никој не пресмета дека Бранко ветува над 400.000 вработувања во земја која, во негово време имаше најголема стапка на невработеност во Европа, и во која сите вработени заедно беа едвај над 300.000. А он, замисли, за еден мандат ќе запосли нови 400.000. Повеќе отколку што воопшто има слободна работа сила во Македонија.

Сега не забављаат со неплаќање даноци. Заев и неговите имаат фирми, и согласно со нивниот ментален склоп, за нив рајска држава е онаа во која не се плаќа данок. Таа перцепција, како најголем сон, им ја нудат и на другите. Од легално неплаќање даноци фајде би имале само арамиите кои не плаќаат ни сега, ама потоа тоа ќе биде легално.

Арно ама, ако нема данок, нема држава. Тоа е општопознато. Нема плати за лекарите, за полицајците и наставниците, нема ни пензии за пензионерите. Нема плати за државна администрација, нема нафта за греење по школите, нема државни факултети, нема бесплатно основно здравство, нема градинки… ама има власт. Садомазохистичка.

Кога Заев и СДСМ, секој викенд, би терале предизборна кампања за политика без даноци во Германија, не дај боже во Данска, Шведска или Холандија… без сомневање би ги сметале за шарлатани. Па, ако можело така, политичариве во Германија, во Данска, Шведска или Холандија будали ли се. Насекаде тие јадици би се пуштале наоколу, па кој се фати, се фати. А богами, кога ќе ја проголта, нема далеку да стигне.

За почеток, како градоначалник на Струмица, Заев би можел да ги укине даноците и комуналиите во таа општина. Парите што му легнуваат на општинска сметка по тој основ, може ладно да им ги врати на струмичани. Најдобро за викенд.

Најмалку пола Македонија би се преселила во Струмица. Овие од Тетово, Арачиново, Липково, Боговиње, Дебар… не би се селеле. Тие, и онака, не се нешто оптеретени со даноци. Потоа, Заев би имал можност, без да мрдне од Струмица, да владее со сите Македонци. Привлечени од неговиот безданочен рај, сите би му дошле на нозе. Пред канцеларија.

Тој би заштедил на време, и бензин што сега го троши на турнеја низ државава, додека неговите струмичани копнеат заради неговите отсуства, како во турските серии. Освен тоа, пошто сега власта му дошла во Струмица, нема да мора да ја држи Рада Изногуд како шеф во сенка која треба да владее од Скопје. Скопје ќе стане провинција. Опустошена заради преселбите во безданочниот рај, фришоп територијата Струмица.

Албанските партии го поддржуваат Заев. По преселбата од Скопје градот ќе им припадне без борба. Кога скопјани ќе мигрираат во фришоп Струмица, на раат ќе ги урнат сите споменици кои не им се по ќеф. А ги има многу. Од крстот на Водно, до крстот во рацете на цар Душан, кој веќе го тргнаа. Денеска овој крст, утре сите други.

Така да оваа понуда на Заев, Македонија без даноци, или фришоп Македонија, ќе реши многу државни, етнички, верски и политички прашања во земјава.

А Струмица е историско место за Македонците. Додуша фатално, ама историско.
Засега, освен Албанците, најголем поддржувач на Заев е Љубчо Георгиевски. Го нема долго како и обично, ама се огласи деновиве, намириса избори на пролет. Љубчо туркаше Офшор Македонија: држава која би постела за сите оние кои перат пари низ светот, тоа легално да го дилаат во Македонија, а ние да живееме од провизија.

Генијално. За капацитетот на Љубчо поетот, вонсериска досетка.
Еве го сега Заев, со безданочна, Фришоп Македонија.

Секој нуди по својата перцепција, и по својот сон. Љубчо цел живот брка провизии, а Заев енд фемили компани, сонуваат бизниси без даночни обврски.

Идеално би било, на наредните избори, Љубчо да ги изгласаме за претседател, а Заев за премиер. Ем нема плаќање даноци ем живот од провизија.

Јас, сепак, ќе им се вратам на турските серии. Некако ми се посериозни од овие.

Драган П. ЛАТАС за Вечер