Крими хроника

Фрлиле од автомобил кеса со кокаин за да не ги фати полиција

Фрлиле од автомобил кеса со кокаин за да не ги фати полиција

Двајца скопски дилери на кокаин биле уапсени откако се обиделе да избегаат на полицијата при рутинска контрола,  информираше  МВР.

Полицијата до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Б.Љ. (34) од село Горна Матка и против Е.Р. (24) од село Сарај, споради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори.

Според МВР, полициска патрола во саботата околу 16.20 часот во Горна Матка забележала автомобил „ауди“ и му дале знак на возачот да го сопре возилото. Тогаш возачот Б.Љ. се обидел да побегне, но набргу потоа бил запрен. Непосредно пред да застане „аудито“ од внатрешноста била исфрлена најлонска кеса, која подоцна била пронајдена. Во кесата имало кокаин со маса од 69 грама.

Полицијата веднаш ги уапсила Б.Љ. и Е.Р. кои се задржани во Полициската станица Гази Баба.