Фудбал У-19: Македонија против Швајцарија на стартот од квалификациите

Македонската репрезентација до 19 години од среда до 14-ти  ноември ќе ги одигра натпреварите од квалификацискиот турнир за пласман во УЕФА Елитна рунда за Европско првенство. Македонија е во петатта група во Скопје против селекциите на Швајцарија, Белгија и Лихтенштајн редоследно.

Избраниците на селекторот Вујадин Станојковиќ своите натпревари ќе ги играат на тренинг центарот „Петар Милошевски“ крај ФФМ. Турнирот го отвораат со мечот против Швајцарија со почеток во 13 часот, на 11 ноември (сабота) играат против Белгија, а во последниот дуел закажан за 14 ноември (вторник) ќе играат против Лихтенштајн.

Станојковиќ на располагање ги има сите 22-ца повикани фудбалери кои ќе треба да се борат за едно од првите две места кои носат учество во елитната дивизија.

„Очекувам подготвени да тргнеме во квалификациите против Швајцарија. Ги познаваме сите противници, анализирани се во целост. Треба, пред се, да внимаваме на нашата игра. Овие фудбалери се квалитетни, играат во врвни клубови, играат насекаде низ Европа. Сиот потенцијал што го имаат е на тој пазар добро познат. Знаат што ги чека, професионалноста и одговорноста ја поседуваат. Има предуслов да се надеваме на успех, но мора да бидеме истовремено и внимателни“, изјави селекторот Станојковиќ.

Комплетен распоред на натпреварите во групата 5:

8 ноември – Македонија – Швајцарија и Белгија – Лихтенштајн

11 ноември – Македонија – Белгија и Швајцарија – Лихтенштајн и

14 ноември – Македонија – Лихтенштајн и Швајцарија – Белгија.

Сите натпревари ќе се играат во терминот од 13 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.