Фудбалската репрезентација и дефинитивно го допре дното

Фудбалската репрезентација и дефинитивно го допре дното

ФИФА денеска ја објави октомвриската листа на која, Македонија и Кипар се најлошите два тима за овој месец со пад од 28 позиции.

За “црвено-жолтите” сето ова значи катастрофа и враќање две децении назад на рангирањето, затоа што најлош пласман е 147-то место во јуни 1994 година, кога земјава и ФФМ беа примени во светското семејство и првпат се најдоа на рангирањето.

Од влезот во ФИФА и почетокот на рангирањето, Македонија никогаш не била под 120-то место (најлош пласман по еден месец од примемот бил 118 место на 21 јули 1994 година), но сега сето тоа успеаа да го надминат. Очигледно мислењата дека дното е допрено пред една година (септември 2014), кога Македонија стигна до 112-то место (трет најслаб ранкинг во историјата), биле само лоши проценки, зошто националниот тим се погрижи да биде уште помизерен.

Со овој пад, Македонија сега е меѓу осумте најслаби земји во Европа (без Гибралтар кој не е членка на ФИФА), а во ова друштво сме со Андора (205.), Сан Марино (196.), Малта (157.), Лихтенштајн (156.), Казахстан и Луксембург (го делат 142-то место.) и Молдавија, со која го делиме мизерното 132 место. На сметка на нашиот пад, сега Македонија фудбалски е зад Кенија, Палестина, Кувајт, Мадагаскар, Сирија, Сиера Леоне, Сент Винсент и Гренада, Нигер, Белизе, Аруба, Бурунди….

Срамно 132-ро место на ФИФА ранг листата
Срамно 132-ро место на ФИФА ранг листата

На ранг-листата за октомври, Аргентина останува прва пред Германија, која скокна една позиција на сметка на Белгија, додека Португалија се искачи на четвртото место (скок до две позиции), а Колумбија е петта (пад од едно место). Европскиот првак Шпанија, која ни беше противник во овие квалификации, а е противник и во следните за СП 2018 рипна пет позиции и е шестопласирана, следат Бразил на седмото место (пад од две места), Велс на осмата (скок од едно место), Чиле на деветата (пад од едно место) и Англија.

Од противниците во групата, покрај напредокот на “црвената фурија”, скок од пет позиции има и Украина до 24-то место, која е наш следен противник на 9 октомври. Словачка падна за три позиции на 18-то место, а Белорусија, со која ќе се соочиме на крајот на овие квалификации на 12 октомври сега е на 98-то место (пад од едно место).

Луксембург, иако нѐ победи не напредуваше, туку падна за една позиција на 145-то место.