ФЗЦ „11 Октомври“ од Куманово се подготвува да се вати на рускиот пазар

 

Фабриката за заварени цевки  „11 Октомври“ од Куманово   после цела деценија работење со загуби во првото полугодие од годинава  прокнижи  добивка од 2 милиона евра.

После преземањето на компанијата од страна на сегашниот доминантен сопственик „Квалитет пром“ од Куманово во септември минатата година работите тргнаа значително кон подобро. Додека во 2014 година  годишното производство изнесуваше 4.000 тони заварени цевки и профили, следната   10.500 тони,  годинава се очекува да биде завршена со 35.000 до 45.000 тони. Веќе за следната година плановите се фиксираат на годишно производство од 50.000 тони заварени цевки и профили. Притоа, исклучително квалитетното производство  преку  90 отсто се пласира  на странските пазари.

fzc3

Ова беше истакнато при денешната  посетата и разговорите на  Дејан Бешлиев, извршен директор на македонско-руската стопанска комора со  менаџерскиот тим на најголемата кумановска фабрика.

Во нејзините погони  се произведуваат разни типови на  заварени челични цевки и профили кои наоѓаат  примена во повеќе делови  од стопанството, како елементи за цевководи и челични конструкции во градежништво, индустријата, сообраќај, рударство, земјоделието и други  гранки. Компанијата ги поседува сите неопходни стандарди за квалитет, а за нивната имплементација можеби најдобро зборува фактот што рекламации за нивните производи воопшто нема.

-Извезуваме најмногу во Германија, Италија, Шпанија, Холандија, но и во земјите од регионот. Имаме врвен квалитет, но со ниски цени за европскиот пазар што е резултат на големата конкуренција. На домашниот пазар  нашите цевки ќе бидат употребени за изградбата на гасоводот на трасата од Штип преку Неготино до Битола и  од Скопје, преку Тетово до Гостивар, за што ќе бидат  произведени  16.000 тони заварени цевки, истакна  Страхил Пановски, извршен директор на  ФЗЦ „11 Октомври“.

Во фабриката, која се протега на 120 хектари површина, со носталгија се сеќаваат на  златните времиња од осумдесетите и почетоците на деведесетите години од минатиот век  кога производството ги  достигнуваше  рекордните  120.000 тони заварени цевки, од кои  70 отсто се пласираа во тогашната СССР. Токму затоа и ќе се обидат да се вратат кај потрошувачите од  Руската Федерација.

– Тој „кам бек“  на познатиот пазар, ќе се обидеме да им го олесниме со помош на деловните асоцијации од Русија со кои Македонско-руската стопанска комора има воспоставено блиски контакти. Таа соработка овозможува  полесно да се дојде до бизнис партнери, заради што им стоиме на располагање на нашите членки, – порача  Дејан Бешлиев.

За  натамошно постојано зголемување на производството и планираното ширење на странските пазари во компанијата  се преземаат  два големи зафати.Се подготвува значаен инвестициски циклус, пред се,  во делот на  осовременување на машините за  производството на  топло обликувани профили, кое е доминантно и  кон  кое  се ориентира производната иднина. Истовремено е започнат и процесот на подмладување на работниот кадар, бидејќи во ооснова оваа фабрика во која егзистенција обезбедуваат  500 луѓе е  – стара. Просечната возраст  на вработените е 57 години.

-Преку стотина вработени деновиве замина од фабриката, а во погоните ги заменивме со нови млади лица. Интересот меѓу младите во  Куманово за вработување во ФЗЦ „11 Октомври“ е огромен, пред се, заради стабилизирање на производството и можноста за добра заработувачка.Почетниците со сменско работење може месечно да обезбедат плата од  преку 15.000 денари, – истакна Небојша Пауновиќ,  директор на Валавницата за спроводни цевки и профили во ФЗЦ „11 Октомври“, погон во кој во моментов тече обуката на шеесетина млади работници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.