ФЗОМ ги запознава граѓаните со начинот на работа на „руралниот лекар“

Со проектот „рурален лекар“, на осигурените лица кои не можат да го остварат правото на здравствена заштита примарно ниво во местото на живеење, да имаат право на здравствена заштита на примарно ниво во здравствен дом во кој се врши здравствена дејност на примарно ниво и кој има седиште во подрачјето во кое е опфатена општината каде се наоѓа местото на живеење на осигуреното лице.

Здравствената заштита на осигурените лица ја пружа доктор на медицина, специјалист по општа медицина или специјалист по семејна медицина вработен во здравствениот дом. Фондот како надлежен орган ќе ги евидентира лекарите кои имаат одобрение за изработка и користење на факсимил, дека можат да вршат здравствена заштита на примарно ниво согласно со прописите за здравствено осигурување. Согласно евиденцијата на Фондот околу 175 доктори вработени во здравстевните домови се вклучени во проектот „рурален лекар“.

Упатството за начинот на работа на руралните лекари во здравствените домови

Руралниот лекар согласно законската регулатива:
• врши прегледи на пациентите според нивната здравствена состојба во амбулантски услови во пунктовите на здравствените домови како и во домашни услови;
• врши превентивни мерки и активности утврдени со програми за унапредување и зачувување на здравјето на пациентите;
• пропишува лекови на рецепт од Листата на лекови во примарна здравствена заштита;
• учествува во спроведување на тимски форми во дејностите од примарната здравствена заштита;
• земање на крв;
• аплицирање на ампуларна терапија;

Фондот за здравствено осигурување на Македонија активно се вклучува во целосното имплементирање на проектот „рурален лекар“.

Во таа насока на ден 24.07.2014 година одржа едукација на руралните лекари вработени во Здравствените домови на Р.Македонија која беше претставена со презентација. Едукацијата се одржа во ЈЗУ Градска општа болница „8-ми Септември, Скопје. На едукацијата присуствуваа 100тина лекари вработени во ЈЗУ Здравствени домови на Р.Македонија.

Начин на пропишување на лекови на рецепт од руралниот лекар

Руралниот лекар од 01.08.2014 година, пропишувањето на лековите на рецепт кои се издаваат во примарна здравствена заштита на осигурените лица, го врши на рецептен образец пропишан од ФЗОМ, по генеричко име на лекот со фармацевтска дозажна форма и јачина, количина и сигнатура. При ова, руралниот лекар е должен да се придржува на Листата на лекови кои паѓаат на товар на ФЗОМ во целост, односно на режимот на пропишување на лекови за кои е потребно мислење од лекар специјалист, лекар субспецијалист, конзилиум на лекари, како и на индикациите кои се наведени за одредени лекови за кои истите паѓаат на товар на ФЗОМ.

На еден рецепт се пропишува само едно оригинално пакување на лекот, освен за лековите чии оригинални пакувања се делат, односно кои се издаваат на парче, по единица фармацевтска дозажна форма, според Одлуката на Управниот одбор за утврдување на лековите чии оригинални пакувања се делат објавена на веб-страницата на Фондот.

При пропишување на лекови за акутни заболувања рецептниот образец кој го издава руралниот лекар важи 5 дена од датумот на пропишување, за хронични болести руралниот лекар може да пропишува лекови кои ќе обезбедат терапија најмногу за 30 дена со важноста на рецептот за хронична терапија од 30 дена. Лекови од групата на наркотика-опијати руралниот лекар треба да ги пропишува согласно прописите, на рецептен образец во два примерока. Важноста на овој рецепт е 5 дена од денот на пропишувањето.

Во рецептниот образец руралниот лекар ги пополнува полињата со податоци за осигуреното лице и делот за пропишување на лек.

Пропишаните лекови на рецепт, лекарот ги евидентира согласно законот за евиденции во областа на здравството и Упатството за начин на работа на руралните лекари во здравствените домови.

Рецептниот образец лекарот го пополнува рачно и го заверува со печат со факсимил на здравствената установа со назнака РУРАЛЕН ЛЕКАР и со својот факсимил доделен од Фондот за дејноста што ја обавува во здравствената установа и личен потпис.

Руралниот лекар е должен да ги информира осигурените лица за лековите без доплата за кои Фондот има утврдена референтна цена, а тоа е обрска и за аптеките.

Реализираните рецепти согласно прописите за лекови пропишани од страна на рурален лекар на рецептен образец за лек на товар на ФЗОМ, аптеките ги доставуваат до Фондот согласно техничките напатствија дадени од ФЗОМ и договорните одредби од договорот склучен помеѓу ФЗОМ и ПЗУ аптеките.

Упатување на повисоко ниво на здравствена заштита од страна на руралниот лекар

Согласно Правилникот за содржината и начинот за остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, руралниот лекар може на осигуреното лице да издаде упат на образец “Специјалистички субспецијалистички упат – СУ“ за да користи здравствени услуги во специјалистичко – консултативната здравствена заштита.
Болничка здравствена заштита осигуреното лице може да користи по правило со упат од лекарот специјалист на образец “болнички упат-БУ“. По исклучок руралниот лекар може да издаде упат за :
– здравствени услуги во болничка здравствена заштита, може да користи осигуреното лице без упат во итни случаи;
– здравствени услуги во болничка здравствена заштита, може да користи осигуреното лице со упат од рурален лекар во следните случаи:
– дијагностицирани хронични заболувања;
– по проценка на руралниот лекар за итност на здравствената состојба на осигуреното лице, со соодветно образложение за итноста и со проценка за натамошниот тек на третманот;
Руралниот лекар може на осигуреното лице да му издаде образец ЛУ -1(прилог на Упатството) за да користи здравствени услуги за биохемиските лабораториски испитувања со наведување на видот на услугите во образецот на упатот.
– Руралниот лекар може на осигуреното лице да му издаде образец РДУ-1(прилог на Упатството) за да користи здравствени услуги за радиодијагностички испитувања: нативна радиолошка дијагностика со и без контраст, ехо дијагностика и мамографија.
– Образецот-РЛЗУ како и обрасците за упатување, руралниот лекар ги пополнува рачно и ги заведува во амбулантскиот дневник.

Утврдување на привремена спреченост за работа поради болест и повреда или потребата за нега на болен член од потесното семејство

Согласно правилникот за начинот и постапката и поблиски критериуми за утврдување на привремена спреченост за работа поради болест, повреда или нега на болен член на семејството и Критериумите за дијагностички постапки оцена на привремена спреченост за работа поради болест, повреда или болен член на семејството руралниот лркар издава оценка за привремена спреченост за работа на пропишан ИСР образец до 15 дена без упатување на лекарска комисија. Ако руралниот лекар оцени дека привремената спреченост за работа ќе трае подолго од 15 дена го упатува осигуреникот на првостепена лекарска комисија со образец – ПСР.
Руралниот лекар при издавање на боледувањето треба да го почитува Правилникот за начинот, постапките и поблиските критериуми за утврдување на привремена спреченост за работа поради болест и повреда или потребата за нега на болен член од потесното семејство. Обрасците за привремена спреченост за работа ИСР и ПСР, руралниот лекар ги пополнува рачно.