ФЗОМ и АВРМ со два новитети

Фондот за здравство на Македонија и Агенцијата за вработување денеска ги најавија двата новитети во нивното работење.

Првата новина е исполнување на еден од проектите кои Фондот ги има согласно новата Владина програма, а тоа е автоматско здравствено осигурување за вработените и нивните фамилии без пријава во Фондот.

Имено станува збор за олеснување на постапката при стапување во здравствено осигурување за лицата кои се вработуваат и променуваат работни места со автоматско стапување во здравствено осигурување кое е овозможено преку електронско поврзување со системот на АВРМ во реално време (М1/М2). Ако досега фирмите требаше да ги пријавуваат овие лица преку шалтерите или преку веб порталот на Фондот, од 01.08 овие лица автоматски ќе добиваат здравствено осигурување. Ова е новина и олеснување за сите фирми (околу 60.000) кои месечно во Фондот доставуваат околу 30.000 промени (за вработени и членови на фамилии). По пластично претставено, ова значи дека ако едно лице се вработи или пак го промени работното место, тоа лице и неговите членови на семејството автоматски ќе добијат здравствено осигурување без пријавување во Фондот и без ризик од прекин на континуитетот во здравственото осигурување поради неажурност на фирмата.

IMG_1445

Согласно последните законски измени во Законот за здравствено осигурување, за секоја М1 пријава во редовен работен однос пристигната од АВРМ, ФЗОМ автоматски спроведува и пријава во здравствено осигурување. Притоа членовите на семејства на вработените од претходната пријава во здравствено осигурување автоматски се пријавуваат како членови на семејства во новата пријава. Со ова доколку носителот има континуитет во пријавите во здравствено осигурување автоматски се обезбедува континуитет во здравствено осигурување и за членовите на семејства, што е предуслов за користење на некои од правата за здравствено осигурување.

Со имплементирање на оваа законска промена, овластените лица на фирмите на веб порталот на ФЗОМ во иднина ќе продолжат да ги спроведуваат само пријавите во здравствено осигурување на новите членови и одјавите.

IMG_1443

Втората новина се однесува на добивање на електронски изводи по службена должност од матичната книга за новородени деца, кои досега осигурениците требаа да ги носат во копија за да се добие здравствено осигурување. Од 01.08 кога родителот за прв пат го пријавува своето дете за обезбедување на здравствена легитимација и електронска здравствена картичка, ФЗОМ автоматски ќе го добива изводот од Управата за водење на матични книги. Со оваа новина новите родители ќе бидат ослободени од шетање по институции.

Практично, олеснета е процедурата за пријавување на новороденчиња на шалтерите во подрачните служби на ФЗОМ, каде што пријавите во здравствено осигурување ќе се спроведуваат единствено со ЗО образец за пријава и здравствена легитимација на новороденчето, без доставување на извод од книга на родени.

Во блиска иднина е предвидено протоколот за размена на податоци со УВМК да се прошири и со размена на податоци за останатото сродство на членови – сопруг/сопруга.

Подобрувањето во работењето на Фондот и големото олеснување за фирмите, веќе е видливо за 54% од фирмите кои активно го користат web порталот на Фондот за електронско ажурирање Сакаме да испратиме апел до сите оние фирми кои се уште не го користат порталот итно да се приклучат во електронска комуникација и со Фондот и со АВРМ за да го почуствуваат бенефитот од административната гилотиња и електронско поврзување меѓу државните институции како крупни владини проекти.

Очекувани придобивки од овие новини

За Фирмите:
– Пријавувањето на носителите и членовите на нивните семејства ќе да се врши автоматски без доставување на хартиени М1/М2/ЗО1 обрасци
– Навремена и точна евиденција на сите активни носители/членови во здравствено осигурување преку веб порталот на ФЗОМ
– Пријавувањето на новите членови на семејства ќе се врши електронски без притоа да се посетуваат подрачните служби на ФЗОМ

За осигурениците:
– Запазување на континуитетот во здравствено осигурување што е основен предуслов за остварување на некои права од здравствено осигурување