ФЗОМ и Клиниката за пулмологија работат на намалување на смртноста кај пациентите со ХОББ

ФЗОМ и Клиниката со пулмологија заедно работат на намалување на смртноста кај пациентите со ХОББ. За таа цел, ФЗОМ обезбеди наменски буџет во вредност од 1,7 милиони денари за Клиниката за пулмологија (условен буџет) за 50 апарати (концетратори на кислород) за кислородна терапија во домашни услови на пациенти кои имаат ХОББ, хронично опструктивната белодробна болест, која е едно од најчестите хронични заболувања на белите дробови.

Кислородна терапија кај пациентите со ХОББ е потребна за да се спречат влошувањата, да се подобри толеранцијата на напор и да се подобри квалиетот на животот. Единствена тераписка мерка која преку долгорочни студии покажала намалување на смртноста кај оваа болест е престанок со пушењето, како и употребата на терапија со кислород. ФЗОМ и Клиниката со пулмологија заедно работат на намалување на смртноста кај пациентите со ХОББ.

Во Македонија бројките на заболени од оваа болест приближно се совпаѓаат со светските, имено во 2013 се регистрирани 324 пациенти, во 2012 биле 355 пациенти а во 2011 биле 390 пациенти. Од овие пациенти, 100 лица се повеќепати хоспитализирани на годишно ниво (2-3 пати), со хоспитализација од 20-25 дена, поради недостапност на кислородна терапија во домашни услови. Односно, во просек, годишно, овие пациенти со тешка форма (20% од пациентите со ХОББ), чинат од 90.000 до 125.000 денари. Цената на лекување драстично се зголемува особено ако пациентот има потреба за неинвазивна вентилација, која самата чини 44.142.00 денари или вкупно за најкомплицираните случаи, годишниот трошок расте и до 257.500 денари по пациент.

DSC04145

Пациентите отсега ќе можат да добијат апарат од Клиниката за пулмологија, односно концетратори кои ќе ги користат во домашни услови за неопходната кислородна терапија. Согласно критериумите за добивање на овие апарати – концетратори на Клиниката за пулмологија, пациентите ќе ги добијат овие апарати на доживотно користење. Еден од главните критериуми за добивање на апаратите е тоа да се пациенти на кои оваа терапија им е потребна на дневна основа, во времетраење од минимум 15 часа дневно.

Оваа новина ќе значи бенефит и олеснување за самите осигуреници – пациенти, за Клиниката за пулмологија, како и за ФЗОМ.

• Бенефитот за пациентите:
1. Веќе нема да мора 2-3 пати во годината да бидат хоспитализирани, туку ќе можат да си ја добијат потребата терапија во домашни услови.
2. Апаратот кои ќе го користат пациентите во домашни услови е на товар на ФЗОМ, без приватно да го купуваат како досега.
3. Се подобрува квалитетот на животот на овие пациенти.
4. Се избегнуваат можни влошувања на севкупната здравствена состојба.

• Бенефитот за Клиниката за пулмологија е растеретување на капацитетите, односно овие пациенти веќе нема да мора да бидат сместени на Клиниката со што ќе може да се примаат пациенти со други заболувања на кои им е потребна хоспитализација.

• За ФЗОМ бенефитот е повеќе пациенти ќе добиваат здравствени услуги од Клиниката за пулмологија со постојниот буџет 61.7000.000, односно досегашниот буџет кој издвојуваше за хоспитализацијата на овие пациенти, сега овие 12,5 милиони денари Клинката ќе ги пренамени за други здравствени услуги и на други осигуреници.

Укажуваме и дека над 40% од лицата кои се заболени од ХОББ, во моментов не се дијагностицирани. Секој пушач кога ќе се јави на лекар и ќе се пожали на симптоми како кашлица со искашлување, отежнато дишење, краток здив или свирење во градите, неопходно е да се направи спирометрија со која се одредува вентилаторната функција. Овој тест е неинвазивен, нема потреба пациентот да се изложи на напор, да му биде извадена крв или да биде изложен на зрачење.

Главните симптоми на ХОББ се кашлица, краток здив, свирење во градите, болки во градите во вид на стегање. Пациентите со напредната форма на ХОББ често развиваат респираторна слабост. Кога ќе се случи ова, кај нив се јавува цијаноза на слузниците и кожата што е резултат на недостаток на кислород во крвта како и вишокот на јаглеродниот диоксид во крвта кој покрај цијанозата причинува и главоболка, сонливост или грчеви. Компликација на напредната ХОББ се и промените на срцето познати како хронично белодробно срце кои се резултат на неговата зголемената работа за да ја уфрли крвта во болнопроменетите бели дробови.

Во лекувањето на пациентите кај кои дошло до респираторна слабост, а тоа се пациенти во трети и почесто во четврти стадиум на болеста (FEV1<30%), а вредностите на парцијалниот притисок и сатурацијата со кислород се ниски потребно е да се употреби заместителна терапија со кислород. Терапијата со кислород се препорачува да трае над 15 часа во тек на денот, со ниски протоци 1,5 до 2 литри во минута, протокот може да се зголеми за 1 литар во минута за време на напор или преку ноќ во време на спиење. Ова го намалува ризикот од развој на пулмонална хипертензија, хронично пулмонално срце како и зголемувањето на бројот на црвените крвни зрнца. Во менаџирањето на болеста особено е важна превенцијта, а таа се состои во избегнување на ризичните фактори и вакцинирање на болните против грип, како и употреба на пнеумококна вакцина. Пациентите со ХОББ ќе мора да бидат одговорни кон себе, своето здравје и семејството и МОРА да престанат да пушат.