Македонија

ФЗОМ ќе ги потсетува хронично болните осигуреници за редовните прегледи

ФЗОМ ќе ги потсетува хронично болните осигуреници за редовните прегледи

Осигурениците кои се хронично болни од кардиолошки, бубрежни заболувања и дијабетес од 1 октомври преку телефонски јавувања (за повозрасните), смс пораки и е-пошта (за помладите) ќе бидат потсетувани кои прегледи треба редовно да ги прават, ќе бидат информирани за комплексноста на болеста со цел да се стопира нејзината можна прогресија.

Оваа директна комуникација со осигурениците ќе ја вршат тимови од Фондот за здравствено осигурување на Македонија која ќе се одвива преку неговиот кол центар.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски денеска на прес-конференција истакна дека проектот на Владата „Фондот се грижи за хроничните болни“, кој предвидува вклучување на вработените од Фондот во грижата на хронично болните, одлучиле да го почнат порано од предвиденото, бидејќи се исполниле дел од потребните предуслови.

– Еден од нив беше изработката на нов софтвер во Фондот за превентивните мерки и активности кај избраните лекари, а со него се овозможи евидентирање на осигурениците со хронични болести. Избраните лекари во информатичкиот систем на Фондот внесоа 154.531 осигуреник со дијабетес, кардиолошки и бубрежни заболувања, рече Стефаноски.

Појасни дека за почеток предвидените 10 тима од Фондот кои активно ќе се вклучат во грижата за осигурениците со хронични болувања на тој начин што ќе ги потсетуваат за сите потребни прегледи кои треба да се извршат во текот на годината на примарно и секундарно ниво, ќе бидат составени од вработени од поголемите подрачни служби како што се Скопје, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Велес и Куманово.

Фондот, нагласи Стефаноски, на овој начин сака да ја подигне свеста на граѓаните за грижата за нивното здравје и можните компликации доколку не ги следат советите на лекарите и не ги прават потребните редовни прегледи.

– Стопирањето на прогресијата на болеста, избегнувањето на комликациите од овие болести е најважната работа за овие пациенти. Иако знаеме дека компликациите од овие болести го чинат здравствениот систем огромни средства, поентата на проектот не е во тоа Фондот да заштеди, туку овие лица иако болни, со правилно лекување и придржување на советите на лекарите да имаат квалитетен и нормален живот и да дочекаат длабока старост, рече Стефаноски.

Додаде дека нивната намера ќе биде со константно јавување и потсетување да ги убедат тие лица редовно да примаат терапија, да прават редовни контроли, едноставно да прифатат дека болеста иако во моментот не им предизвикува тежина во секојдневното функционирање, доколку не се грижат за своето здравје, редовно не вршат контроли и не се досциплинирани во примањето терапија, во иднина може да имаат сериозни последици, како што се срцеви и мозочни удари, дијализа и останати компликации.

Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека проектот „Фондот се грижи за хроничните болни“ е поттикнат од секојдневието, од контактите со здруженијата на пациенти, од директна комуникација со лекарите и граѓаните.

– Затоа сакаме да ја подигнеме свеста и со едукација и позитивни примери, барем малку да влијаеме овие лица да можат да доживеат длабока старост. Овие лица покрај главната терапија потребно е да се придржуваат на неколку основни постулати: здрава исхрана, редовна физичка активност, здрави навики, почитување на препораките на докторите. Дека тоа се може, доказ се 448 осигуреници над 91 година старост кои се хронични пациенти со дијабетес, кардиолошки и бубрежни болести, посочи Рамадани.

Укажа дека според податоците, 154.531 осигуреници кои се 9,4 проценти од популацијата која избрала матичен лекар имаат едно од овие три хронични заболувања, додека од нив 24.461 истовремено имаат две или три заболувања, а тоа се 15 проценти од сите хронично болни.

– Ова се должи на меѓусебната поврзаност на болестите и компликациите од нив. Како пример е дијабетесот чии компликации предизвикуваат нефролошки и кардиолошки заболувања. Најбројни се хронично кардиоваскуларните заболувања со заболени 96.305 лица, потоа следат лицата со дијабетес кои се 77.885 на број и 4.802 лица со нефролошки заболувања, појасни Рамадани.

Најкритични се, додаде, осигурениците на возраст од 50 до 80 години од кои 76.000 се заболени од кардиоваскуларни болести, 64.000 од дијабетес и 3.600 од невролошки заболувања.