понеделник, 24 јули 2017  |  Вести денес: 80

ФЗОМ: Нови анекси на договори за 2016 за релаксирање на казнените одредби за аптеките

fzom

Поврзани вести

Максимално олеснување на секојдневното работење на фармацевтите и аптеките, како и релаксирање на казнената политика и намалување на договорните казни согласно владината политика, предвидуваат изготвените нови анекси на договори за 2016 година за аптеките кои стапуваат во сила од 1 јануари и се резултат на преговорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) со Фармацевтската комора на Македонија.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски рече дека новите анекс договори во текот на јануари ќе бидат доставени на потпис до субјектите преку електронски пат и електронски ќе ги потпишат. Со подобрување на сегашните договорни одредби, истакна, ќе се овозможи поголема фармацевтска грижа за осигурениците, генерално порелаксиран однос на фармацевтите кон Фондот и намалување на обврските кои непотребно ги оптоваруваа фармацевтите.

– Со новите анекси на договорите се овозможува подобро планирање на времето на фармацевтите без да остануваат секојдневно да средуваат административни работи по работното време. Воедно измените се во насока на унапредување на електронското работење. Измените на договорите го следат трендот за добивање поквалитетна фармацевтска услуга и поголема грижа за пациентите, рече Стефаноски.

Посочи дека новите анекси на договори предвидуваат намалување на осум договорни казни од половина месечен надоместок во опомена, но само за првиот констатиран прекршок. Доколку истиот прекршок се повтори, нагласи, тогаш ќе се изрече казна од половина месечен надоместок. – Бришеме 5 договорни казни. За две раскинувања на договор како што досега беше предвидено, со новиот анекс се предвидува само парична казна, како и две договорни казни од еден месечен надоместок се намалуваат во половина месечен надоместок, потенцира директорот на ФЗОМ.

Појасни дека како заштитен механизам за осигурениците воведуваат обврски кои се однесуваат на тоа дека аптеката мора да издаде лек на осигуреник доколку го има на полица во рамки на својата квота, да издава фискална сметка во која ќе се види целиот износ на лекот, партиципацијата и доплата доколку има. Оваа мерка, рече Стефаноски, ќе биде задолжителна за сите аптеки од 1 април 2016 година, со што секој ќе може на лице место да види дали правилно му е наплатена партиципацијата и се исклучува каква било можност за евентуална манипулација затоа што во секоја аптека на видно место ќе биде истакната скалата за наплата на партиципација за лекови на рецепт.

– Олеснувањата се однесуваат на следните сегменти: бришеме пет договорни казни и тоа доколку здравствената установа не води уредна евиденција или не врши заштита на електронските податоци, работи спротивно на договорот, до крајот на денот не врши компјутерска обработка на рецептите за издадените лекови на товар на Фондот во истиот ден, нема обезбедено или не го користи бар код читачот и доколку не изврши набавка или измени на компјутерската опрема и интернет поврзување, додаде Стефаноски.

Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека намалувањето на осумте договорни казни ќе бидат изречени доколку здравствената установа не ги доставува бараните податоци до Фондот во утврдениот рок, не води уредно финансиско и материјално книговодство, не го евидентира издавањето на лекот во здравствената легитимација на осигуреното лице, списокот на лекови без доплата не е испечатен и истакнат на видно место, нема требувано лек без доплата…

Посочи дека намалуваат две еднострани раскинувања на договори кои преминуваат во договорна казна од три месечни надоместоци доколку здравствената установа не овозможи вршење контрола од страна на Фондот и доколку по склучувањето на договорот изврши промена на осигурување со пократко од полното работно време на дел од фармацевтскиот тим.

– Олеснуваме две договорни казни од едномесечен надоместок кои преминуваат во една половина од месечниот надоместок доколку ЗУ не издаде лекови на странски осигуреници и во случај кога наплатува партиципација спротивно на важечките прописи, не ја евидентира во компјутерската програма и не издава фискална сметка за наплатена партиципација…, додаде Рамадани.

Претседателот на Фармацевтска Комора на Македонија, Бистра Ангеловска изрази задоволство од начинот на преговарање со Фондот околу анексот на договорите и се заблагодари на менаџерскиот тим на Фондот за разбирањето и покажаната кооперативност при преговорите.

Потенцира дека за фармацевтите во аптеките претставува големо олеснување ослободувањето од одредени казни кои досега ги оптоварувале.

Одговарајќи на новинарско прашање Стефаноски рече дека годинава контролирале над 170 аптеки од кои на 89 им е изречена договорна казна.

ФЗОМ, нагласи, има склучено договори за издавање лекови на рецепт со вкупно 772 аптеки од кои 68 се аптекарски станици, шест се подвижни аптеки и три се рурални аптеки.

– Буџетот на Фондот за лекови на рецепт за 2015 година е две милијарди и 465 милиони денари. Нашата улога не е да казнуваме, нашата улога е да се осигураме дека осигуреникот ќе го добие третманот кој го заслужува бидејќи државата го финансира, додаде Стефаноски.

Најчитани вести