ФЗОМ: Осигурениците да бидат свесни за несаканите дејства на анксолитиците и хипнотиците

Фондот за здравствено осигурување на Македонија денеска преку пресконференција ја алармира и информира јавноста, односно осигурениците за состојбата со енормно зголемената употреба на лековите анксиолитици и хипнотици, односно за несаканите штетни ефекти кои тие ги предизвикуваат.

Анксиолитиците и хипнотиците се група на лекови кои се користат за намалување на напнатоста, вознемиреноста, нарушеното спиење, страв, депресивно расположение, нервоза и други стресни состојби.

Во оваа група на лекови влегуваат следните генерички имиња диазепам или попознат меѓу народот со заштитените имиња диазепам и апаурин, потоа бромазепамот познат како лексилиум и бромазепам, алпразоламот односно хелекс и золпидемот попознат како санвал.

– Според анализата на податоците на Фондот за потрошувачката на овие лекови може да се констатира дека годишно во 2010 над 1 милион и 250 илјади рецепти се реализирани во аптека, што значи дека просечно секој втор жител на РМ употребил по најмалку едно пакување од овие лекови во текот на годината. Но алармантно и загрижувачки е тоа што потрошувачката на овие лекови во 2013 година се зголемува на над 1 милион и 600 илјади реализирани рецепти, односно за околу 30%, посочи Игор Неловски, советник на Директорот на сектор фармација.

Тој потенцира дека учеството на овие лекови во вкупниот број на реализирани рецепти се движи од 8,18% во 2010 до 8,98% во 2013. Со овие бројки анксиолитиците како група на лекови се на второ место, а генеричкиот лек диазепам е на четврто место од десетте најчесто пропишувани лекови.

Ана Петрова, советник на директорот на сектор фармација ги предупреди осигурените лица за несаканите ефекти од употребата на овие лекови и апелираше до избраните лекари при пропишувањето задолжително да ги почитуваат упатствата за медицината базирана на докази.

Таа напомена дека покрај ефектите за ослободување од симптомите за кои се пропишани (намалување на напнатост, стресот, нервозата) овие лекови даваат и дополнителни несакани краткорочни и долгорочни несакани (штетни) дејства, како што се: успорена работа на мозокот, слаба концентрација, конфузија, неразбирлив говор, што доведува до проблеми со едукација и стекнување на нови вештини, проблеми во секојдневна работа како и проблеми при извршување на домашните обврски и воспитувањето на децата и сл.

Но, сепак скриена и најголема опасност од долготрајната и континуирана употреба на овие лекови е појавата на психичка и физичка зависност. Пациентот може многу брзо да развие толеранција на лековите, тоа значи дека е потребна се поголема доза за да се постигне саканиот ефект, што доведува до појава на зависност. Овие состојби може да се јават како кај пациенти кои го примаат лекот по препорака на лекар, така и кај тие што го злоупотребуваат.