Македонија

ФЗОМ со едукативна работилница за пензионери во Велес

ФЗОМ со едукативна работилница за пензионери во Велес

Осумнаесетта работилница наменета за пензионери, за едукација на нивните права од здравствено осигурување, како и едукација за определени здравствени програми финансирани од ФЗОМ се одржа денеска во Велес.

Едукативните работилници веќе цела година се организираат во соработка на Црвениот Крст на Македонија и Сојузот на здруженија на пензионери. На денешната работилница поздравен говор имаа Маја Парнарџиева-Змејкова, директор на ФЗОМ и Драги Аргировски, претседател на сојуз на здруженија на пензионери.

На почетоткот, директорката Парнарџиева-Змејкова ги информираше пензионерите дека поради одличниот прием на досега одржаните едукативни работилници, како и поради големиот интерес и на барање на самите пензионери, во идната 2015 година, планирани се 30 едукативни работилници, на тема лекови, кои ќе се одржат во Македонија. Втората новина за која информираше Парнарџиева-Змејкова е олеснување за идните пензионери кои имаат започнато постапка за остварување на право на пензија да можат да ги користат правата од здравственото осигурување уште 60 дена по престанокот на работниот однос. Досега во пракса,  овие осигуреници од денот на поднесувањето на барањето за остварување на право на пензија, до денот на добивање на решението со кое им се утврдува правото на пензија, имаа дисконтинуитет во користењето на здравственото осигурување, поради подолготрајната постапка која се води во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Со предложените измени, се овозможува на идниот пензионер уште 60 дена да има континуирано здравствено осигурување иако сеуште нема добиено решение за остварување на право на пензија.

fzom

Претседателот на Сојузот на пензионери на Македонија, Драги Аргировски се заблагодари за досегашната одлична соработка, но и за подготвеноста која во континуитет ја покажува ФЗОМ, не само во доменот на одржување на работилници, туку и за поддршката да се изнајдат ефикасни решенија за барањата на пензионериоте, а се во надлежност на ФЗОМ. Токму затоа и наредната година со задоволство ќе продолжиме да разменуваме идеи и предлози за подобрување на состојбите, истакна Аргировски.

За едукација на пензионерите за прашања од здравственото осигурување своја презентација имаше Даниела Јовчевска Ѓуровска, директор на правен сектор во ФЗОМ, а за превенција на здравјето своја презентација имаше д-р Ана Петрова, советник на директорот на ФЗОМ.

Овие едукативни работилници имаат за цел да го зголемат нивото на информираност на пензионерите за правата од здравствено осигурување, како и за превенција на своето здравје за 3-те најчести незаразни заболувања (кардиолошки, нефролошки заболувања и дијабет).