ФЗОМ со нов софтвер кој ќе ја унапреди и олесни работата на матичните лекари

Нов софтвер за унапредување и олеснување на работата на матичните лекари беше промовиран денес, а се однесува на полето на превенцијата која тие веќе ја спроведуваат.

Во договорите со ФЗОМ, матичните лекари од општа пракса имаат обврска да спроведат мерки и активности за превенција и рано откривање на кардиоваскуларни болести, дијабетес и нефролошки заболувања, кои се трите најчести незаразни заболувања во Република Македонија. Овие превентивни мерки се спроведуваат на 1.3 милиони осигуреници на возраст од 14-65 години.

Целта на воведување на превенција на овие три најчести заболувања е да придонесе кон намалување на бројот на идни пациенти заболени од овие болести, односно да се преземат сите превентивни активности за оваа ризична група на осигреници да не ги развие овие заболувања и да се влијае на намалување на пациенти кои ќе завршат на дијализа, инсулинска терапија, како и да има помалку пациенти со срцеви и мозочни удари. За стимулирање на оваа активност секој матичен лекар преку Фондот добива 20% од капитацијата секој месец.

До имплементацијата на новиот софтвер, процесот на спроведување на превентивни цели кај матичните лекари одземаше многу време поради обемна административна процедура. Со новиот софтер се заменува употребата на досегашните хартиени обрасци. Имено, матичниот лекар за секој пациент досега печатеше 7 хартиени обрасци. Тоа изнесува повеќе од 9 милиони печатени обрасци за две години кај матичните лекари. Со новото софтверско решение ние овозможуваме целосно електронско работење и исфрлање на хартијата од употреба за превентивните цели. Бенефит од ова имаат и матичните лекари, заштедуваат околу 6 милиони денари годишно за тонери, хартија, принтери и сервисирање.

Матичните лекари од 1 јули 2015. година веќе немаат потреба да ги печатат хартиените обрасци за реализација на цели, а податоците за досега извршените превентивни прегледи на 850 илјади осигуреници се разменија со информатичкиот систем на Фондот. Со оваа административна гиљотина кратиме пополнување на хартиени обрасци со податоци за здравствената состојба и лабораториските наоди. Сега, електронски се внесуваат податоците и преку новиот софтвер се врши автоматска размена со Фондот“ –  истакна директорот  Стефаноски.

Со новиот софтвер, матичните лекари покрај финансискиот бенефит сега имаат и повеќе време да им го посветат на секој пациент за превенција и лекување. Исто така, ќе се намали и гужвата во чекалните, затоа што пациентите побрзо ги добиваат услугите од своите лекари. Целта е пациент центричен систем , односно посветеност на лекарите на здравствените потреби на пациентот.

Дополнителен бенефит за Фондот и за матичните лекари е тоа што се смалува просторот за грешки, ќе се зајакне контролата, бидејќи освен теренска, проверката на точноста на податоците за реализација на целите, контролорите на Фондот ќе вршат увид и контрола кај матичниот лекар од своето работно место. Фондот досега со ограничен персонал ги контролираше исполнувањето превентивни цели на хартија, а сега со софтверското решение, истите може да ги контролира и проверува електронски. Истовремено, се овозможи на самите матични лекари да добиваат нотификации во случај на некомплетни податоци, или непрецизности при доставата на податоците за остварена превентивна цел.

За Фондот, но и за здравствениот систем во целост, софтверот претставува реална база на податоци за хронично болни пациенти од дијабет, кардиоваскуларни и нефролошки заболувања. Тоа значи дека во секој момент имаме увид во здравствената состојба на населението по возраст, по  населено место, регион, колкав е бројот на пушачи, колкав е бројот на лицата со прекумерна телесна тежина, колку малолетни лица се корисници на опојни дроги. Ваквите прецизни податоци се темел за современи и ефикасни здравствени политики но и основа за креирање на стратегии за намалување на заболувањата“ – појасни директорот Рамадани.

Новиот софтвер заштедува време и пари

Во наредниот период матичните лекари ќе бидат поврзани со сите лаборатории од примарно ниво, со кои Фондот има склучено договор. Ова ќе биде дополнително олеснување на лекарите и пациентите, во поглед на заштеда на време. Имено, резултатите од крвните анализи директно ќе бидат прикажани на софтверот на матичните лекари и пациентот нема да има потреба да се враќа со резултатите во хартиена форма кај својот лекар.

Електронското работење е примарен фокус на Фондот и во иднина планираме да реализираме голем број на услуги со кои ќе се исфрла хартиентото работење, а со тоа се заштедува време и пари на здравствените установи, фирмите, лекарите, и осигурениците и сите други партнери на Фондот.

ЗПЛРМ продолжува со одличната соработка со својот стратешки партнер, Фондот за здравство и како резултат на нашите бројни средби, барањата на матичните лекари, Фондот од зборови ги преточи во дела. Секогаш кога најавуваме нешто, соопштуваме за новина која е веќе осмислена, која фунционира и која нуди нови можности, како што е овој софтвер, кој е основа за голем број новини кои ќе ги олеснат работењата на матичните лекари, потенцира претседателот на ЗПЛРМ, д-р спец. Лилија Чолакова-Дервишова.