ФЗОМ со нови електронски услуги

Фондот за здравствено осигурување на својот портал денес промовира три нови електронски услуги за правата кои се гарантирани врз основа на закон за  осигуреници.

Овие услуги досега беа достапни само во хартиена форма, а од сега ќе можат да ги добијат поедноставно, побрзо и поефикасно по електронски пат преку новите електронски услуги.

Станува збор за барањето за добивање на решение за ослободување од партиципација по различни основи, барањето за повраток на средства за повеќе наплатена партиципација и барањето за издавање на двојазичен образец.

Првата услуга е поднесување на електронско барање за добивање на решение за ослободување од партиципација по различни основи согласно член 34 од законот за здравствено осигурување. Со оваа нова електронска услуга, овозможуваме секој осигуреник да може да поднесе електронско барање за ослободување од плаќање на партиципација при неговотот здравствено лекување. Согласно законот следниве категории на осигуреници може да бидат ослободени од плаќање на партиципација: децата со посебни потреби, според прописите за социјална заштита; корисници на постојана парична помош, лицата сместени во установи за социјална заштита и во друго семејство, според прописите за социјална заштита, освен за лековите од листата на лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекувањето во странство; душевно болни лица сместени во психијатриски болници и ментално ретардирани лица без родителска грижа и осигурените лица кои во текот на една календарска година платиле учество во специјалистичко- консултативната и болничката здравствена заштита, освен за лековите од листата на лекови издадени на рецепт во примарната здравствена заштита и за лекувањето во странство, во износ повисок од 70% од просечната остварена месечна плата во Републиката во претходната година, осигурени лица кои доброволно дарувале крв, според програмата која се однесува на доброволното дарување на крв, донесена согласно со Законот за здравствената заштита, осигурени лица кои доброволно дарувале ткиво или орган, истакна директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски.

Од сега, на многу поедноставен начин ќе може да се оствари ова право преку новата електронска услуга, а дополнителната документација која што осигуреникот досега требаше да ја носи лично и да ја приложува во хартија во подрачните служби, сега ќе може со едноставно скенирање и прикачување во електронскиот систем да ја прикачи на места каде што има интернет и читач. По решавањето на предметот, осигуреникот решението ќе го добие по пошта на домашна адреса. Со ова се заменува и скратува хартиеното работење и потребата да се доаѓа на шалтер. Во 2015 година ослободување од партиципација согласно законот за здравствено осигурување искористиле 10.800 осигуреници.

Барање за ослободување од партиципација

Втората електронска услуга се однесува на електронско барање за ослободување од понатамошно плаќање на партиципација на специјалистичко и болничко ниво на здравствена заштита и поврат на средства за повеќе наплатена партиципација . Право за остварување надоместок за повеќе наплатена партиципација имаат само осигуреници кои имаат платено повеќе партиципација од утврдената со актите на фондот, во тековната година. Овие осигуреници според прописите на работа на Фондот се ослободени од понатамошно плаќање партиципација. Со оваа услуга секој осигуреник ќе може да поднесе барање за добивање на решение за повеќе наплатена партиципација, со што ќе му се рефундира соодветниот износ.

Со електронската услуга е-барање за добивање на решение за ослободување и рефундација на повеќе наплатена партиципација, осигурениците ќе можат самостојно да поднесат електронско барање како и да ги прикачат сите потребни документи (скенирани) преку својот профил на порталот на Фондот. Истите ќе треба да ги потпишат со својата електронска здравствена картичка. Осигуреникот преку порталот ќе може да го следи статусот на своето барање во кој се наоѓа со што во секое време ќе има информација до каде е неговиот предмет на решавање и кога ќе се рефундираат средствата. Барање за рефундација може да поднесе самиот осигуреник за себе или за член на неговото осигурување. По решавањето на предметот, осигуреникот решението ќе го добие по пошта на домашна адреса.

Електронско барање за издавање на двојазичен образец

Третата електронска услуга што Фондот денес ја презентира е поднесување на електронско барање за издавање на двојазичен образец. Со оваа услуга се овозможува барањата за остварување на правата од областа на здравствено осигурување од меѓународните договори за социјално осигурување осигурениците да ги поднесуваат  електронски преку личниот профил на Порталот на Фондот.

Двојазичните обрасци, најпластично кажано претставуваат здравствени книшки на македонски јазик и јазикот на земјата во која ќе престојува. Со двојазичниот образец нашиот осигуреник се изедначува во правата со осигуреникот од таа земја. Oсигуреникот со овој образец може да користи итни и неопходни здравствени услуги без притоа да го плаќа целосниот износ на лекувањето. ФЗОМ има склучено вакви конвенции со 16 земји од опкружувањето и европската унија. (целосната листа е истакната на веб страната на ФЗО во делот меѓународни договори).

Фондот за здравствено осигурување на Македонија денес ги промовира новите електронски услуги, во рамки на месец февруари кој е прогласен за месец на електронски услуги.