ФЗОМ: Заверка на потврди за ортопедски помагала и на истурените шалтери

Од денеска заверката на потврдите за ортопедски помагала кои до сега се вршеа во подрачната служба во Центар, ќе се вршат и на истурените шалтери на ФЗОМ во поликлиниките Ѓорче Петров, Ченто, Драчево, Чаир, Шуто Оризари и истурениот шалтер во општина Илинден.

Работното време на истурените шалтери е секој работен ден од 7.30 до 15.30 часот.

-Правото на осигуреникот за заверка на одредено ортопедско помагало, според критериуми дефинирани во Правилникот за ортопедски помагала, отсега ќе го добиваат и на истурените шалтери за сите ортопедски помагала, освен за оние за кои треба да имаат мислење од лекарските комисии, истакна Зоран Печевски раководител на Фондот за здравствено осигурување во Скопје.

Со новите услуги на истурените шалтери, Фондот овозможува за осигурениците, да се растовари метежот во скопсктата подрачна служба, а од друга страна да се скрати непотребното губење на време на фирмите и на жителите кои треба да патуваат до Центарот на градот.

Ортопедските помагала за кои е потребно мислење од лекарската комисија се инвалидски колички, протези, одредени ортози, колостоми, илеостом, уростоми, поправки на помагалата. За сите останати ортопедски помагала заверка може да се врши и на истурените шалтери.