ФЗОМ: Зголемен буџет за јавните здравствени установи

Зголемен буџет годинава добиваат сите јавни здравствени установи, што значи се обезбедени повеќе средства за нови методи и повеќе здравствени услуги. Ова го овозможува досега најголемиот буџет на Фондот за здравствено осигурување на Македонија во висина од 25 милијарди и 575 милиони денари, пренесе МИА.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски денеска на прес-конференција рече дека зголемениот буџет ќе биде стимулирачки за сите чинители во здравствениот систем од менаџери до доктори да сработат повеќе и да дадат поквалитетна и подобра услуга за осигурениците.

– Овој буџет на ФЗОМ е за 1,4 милијарди денари повисок од минатата година, т.е. повисок е за 5,85 отсто. Буџетот од околу 25,6 милијарди денари е двојно повисок во споредба со 2000 година кога е формиран Фондот и кога изнесувал 12,5 милијарди денари. Најголемо зголемување на буџетот во 2016 година добива ГОБ „8 Септември“, кое изнесува 68,5 милиони денари, истакна Стефаноски.

За правилна и транспарентна распределба на буџетот, посочи, изминатите два месеци имавме преговори со чинителите на здравствениот систем и методолошки го распределивме меѓу ЈЗУ и ПЗУ.

Фондот за прераспределбата на буџетот користел повеќе параметри, а тоа се: анализите за реализација на буџетите во претходната 2015 година, податоците  од преговорите со здравствените установи, планот за видот и обемот на здравствени услуги и новите методи и нови здравствени услуги за 2016 година кои ЈЗУ сами ги предлагаат и одржливоста на јавните здравствени установи.

За ЈЗУ се обезбедени 13.746.599 денари, за приватните ЗУ се обезбедени 7.813.500 денари од кои за матичните лекари 2.785.000 денари, за аптеките 2.480.000 денари, специјалисти и лаборатории 610.000 денари, за дијализа 1 милион денари, за   Ин витро95.000 денари, за кардиохирургија 705.000 денари, очна хирургија65.500 денари, за бањи 73.000 денари, потоа за лекување во странство 300.000 денари, за ортопедски помагала 550.000 денари, за рефундации50.000 денари, за МАНУ 17.000 денари, за надоместоци за породилно и боледувања 2.575.000 денари и за административни расходи на ФЗОМ 573.078 денари, пренесе МИА.

– Според процентуалната распределба на буџетот, ЈЗУ ќе добијат 54 отсто од буџетот на ФЗО, ПЗУ ќе добие 31 oтсто, надоместоци за породилно и болест 10 отсто, ортопедски помагала 2 отсто, 1 отсто лекување во странство, 2 отсто за функционирање на Фондот (плати, возила, капитални инвестиции и софтвер), потенцира Стефаноски.

Укажа дека годинава во прераспределбата на средствата со зголемувањето од 860 милиони денари на ЈЗУ му даваат сериозен поттик и поддршка на јавното здравство. Според него, овие зголемени средства од 6,7 отсто  ги определиле за нови здравствени услуги со воведување нови методи за лекување, зголемување на вид и обем на постоечки здравствени услуги, финансиска одржливост на здравствените установи и потреба од финансирање за нивно функционирање, новите вработувања на специјализиран кадар (трансформации и превземања од ПЗУ) и зголемување на плати за определени категории на здравствени работници.

За ЈЗУ Универзитетски клиники зголемувањето е за 260.900.000 денари или 5,72 проценти поголемо зголемување од буџетот за 2015, за клинички болници, ГОБ „8 Септември“ и општи болници зголемувањето е 368.400.00  денари или зголемување за 8,64 проценти за разлика од буџетот во 2015, за специјалните болници зголемувањето е 58.200.000 денари или зголемување за 5,09 отсто, за здравствени домови и станици зголемувањето е 93.200.000 денари (4,58 проценти), за институти и Медицински факултет зголемувањето е 40.600.000 денари (5,88 проценти), центри за јавно здравје зголемување за 18.200.000 денари (9,43 проценти).

– Од оваа година почнуваме со нов буџет за нова ЈЗУ формирана со одлука на Владата, а тоа е ПЕТ центарот за кој имаме предвидено почетен буџет од 20.500.000 денари, додаде Стефаноски.

Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека зголемувањето на буџетите на ЈЗУ е стимулирачки и мотивирачки со цел да се пружаат поголем обем на здравствени услуги, а воедно и да обезбедат поквалитетни здравствени услуги.

Посочи дека зголемувањето на средствата е условено со зголемување на бројот на хируршки интервенции кај клиничките и општите болници, со цел да се намали препраќање на пациенти во Клиниките во Скопје. Клиниките, истакна, се условени со пружање на нови здравствени услуги и нови методи на работа, а воедно и зголемување на видот и обемот на постојните здравствени услуги.

– Буџетот до 1,4 милијарди денари (540 милиони денари) се прераспределува за повеќе лекови на рецепт и поголема достапност на лекови по аптеките, зголемен број дијализни третмани, поголем број на ин-витро случаи како и покривање на партиципацијата за ин-витро за пациентите (од 13 номеври комплетно бесплатно) како и обезбедени средства за матичните лекари и стоматолози за зголемената вредност на капитацијата, додаде Рамадани.

Одговарајќи на новинарско прашање, Стефаноски рече секторот здравство или ФЗОМ е директно врзан со економската состојба во државата.

Посочи дека за здравствениот сектор да се развива многу е значаен и развојот на економијата. За поздравување е, нагласи, ова што се прави во делот на економската политика на Владата, затоа што тоа директно се рефлектира и во прибраните средства во делот на здравствениот систем.

– Со растот на вработеноста во државата, т.е. со намалување на невработеноста која овие години е на историско најниско ниво и со податокот дека повеќе од 150.000 луѓе се вработени од 2006 година наваму значи дека 150.000 луѓе отколку во 2006 година плаќаат здравствен придонес кој влегува во фондовската каса. Овие средства во буџетот на ФЗОМ во најголем дел се прибираат од наплатата на здравствениот придонес, рече Стефаноски.

Додаде дека што повеќе луѓе работат во Република Македонија, што повеќе се отвораат работни места, тоа значи дека ќе расте и буџетот на Фондот за здравство и дека се повеќе средства како што расте вработеноста ќе се трансферираат во ЈЗУ и ќе се користат за лекување на граѓаните, пренесе МИА.