Габи: Го направив она што клубот го побара од мене

Капитенот на Атлетико Мадрид, Габи, кој беше јунакот на Сарагоса во оној натпревар против Леванте, а за кој после 3 години беше започната истрага во врска со наводите за негово местење, утринава пред специјалниот обвинител за корупција и организиран криминал наводно признал дека тој дуел бил наместен, а воедно рекол дека го сторил она што клубот го побарал од него.

Тој исто така потенцирал дека немал никаква финансиска корист од тој меч, бидејќи неговиот трансфер во Атлетико Мадрид веќе бил договорен.

Инаку за местењето за овој меч се шпекулираше долго време, а според обвинителството како еден од главните докази се наведуваат движењата на парите на сметките на одредени фудбалери на Сарагоса.

Се споменуваат суми од по 120 000 евра, кои биле поделени како бонуси од страна на сопственикот на клубот, Агапито Иглесиас, но сепак парите подоцна биле повлечени бидејќи морале да бидат исплатени и некои од фудбалерите на Леванте кои директно “кумувале” на резултатот.

Извештаите велат дека Габи пред обвинителот изјавил дека добил бонус од околу 85 000 евра но потоа морал да ги врати парите, но инсистирал дека не знаел зошто било тоа ниту пак каде завршиле парите.