Гачевски: Станав дел од најголемиот клуб во Македонија

Македонскиот фудбалски шампион Вардар денеска и официјално го промовираше четвртото свое засилување, голманот-рекордер Филип Гачевски, кој во црвено-црниот табор доаѓа од штипска Брегалница, каде во минатата сезона 912 минути не прими гол и го надмина Томе Пачовски, репрезентативниот, а сега и клупски колега.

Гачевски потпиша тригодишен договор и ќе го носи бројот 90, кој го одбрал поради податотко дека е роден во 1990 година и тој број му носи среќа. Поранешен фудбалер е на австриски Капфенберг и Лустенау, екс-младински репрезентативец, а со доаѓањето на селекторот Љубинко Друловиќ и сениорски репрезентативец.

“Среќен сум што станав дел од најголемиот клуб во Македонија. Ова за мене претсавува нов предизвик. Горд сум што во минатата сезона моите добри настапи и долгите минути без примен гол биле забележани од Вардар и што ме ангажираа во своите редови. Конкуренцијата е голема, тука се Пачовски, Кобедиќ, Павловиќ, но јас сакам да работам, сакам да се изборам за место во екипата и ќе дадам се од себе да ја оправдам довербата”, вели Гачевски.

Тој има една голема желба за ждрепката в понеделник за квалификациите во Лигата на шампионите.

“Да се игра во Лигата на шампионите е сон на секој фудбалер. Сите ќе дадеме се од себе да се направи успех во Европа, што е целта на овој клуб. Што се однесува до противникот, сакам да ни падне Скендербег. Мислам дека тоа е тим кој што можеме да го елиминираме”, додава тој.

Тој е четврто засилување по Ацо Стојков, Бобан Николов и Владица Брдаровски.

“Вардар е актуелен шампион, и според игрите тоа и го заслужи во минатата сезона. Следната ќе атакуваме да го одбраниме пехарот, но и да атакуваме и на Купот и Супер-Купот. Вардар е најдоброто во Македонија, има најдобар играчки кадар кој може да носи само титули и успеси не само следната, туку и во другите првенства”, потенцира голманот.