Македонија

ГАК ги усвојува заклучоците за престојниот самит на ЕС без датум за преговори

ГАК ги усвојува заклучоците за престојниот самит на ЕС без датум за преговори

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, попладнево на состанокот на Советот за општи работи на Советот на унијата (ГАК) ќе ги усвојат заклучоците за проширувањето на ЕУ за претстојниот Самит на Европскиот совет што ќе се одржи во четврток и петок.

Како што јавува МИА, за земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ се веќе договорени заклучоците минатата среда на состанокот на амбасадорите на ЕУ-земјите во рамки на КОРЕПЕР-групата на Советот, каде во однос на шестата последователна препорака нa Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Република Македонија, се наведува дека Европскиот совет ќе се наврати на ова прашање во 2015 година, откако ќе биде ажуриран од страна на Комисијата и ќе забележи значителни чекори во промовирање на добрососедските односи и прашањето за името.

Поради новата блокада од страна на Грција, уште претходно беше познато дека Советот нема да ја прифати шестата последователна препорака на Комисијата, па денеска, иако се очекуваат остри дискусии на шефовите на дипломатиите, бидејќи Комисијата, но и 15 земји-членки се децидни дека Македонија треба да добие датум, а Грција и Кипар не, на крајот, сепак, се очекува да се усвојат веќе договорените заклучоци каде за нашата земја уште еднаш нема ништо.

– Во насока на евентуалната одлука на Европскиот совет да ги отвори преговорите за пристапување со Република Македонија, Советот ќе се врати на ова прашање во 2015 година, врз основа на ажурирање од страна на Комисијата за спроведување на реформите, вклучувајќи го во контекст и Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), како и видливите преземените чекори за промовирање на добрососедските односи и за постигнување на компромисно и меѓусебно прифатливо решение за прашањето за името – гласи заклучокот 41, посветен на Македонија, што ГАК вечерва се очекува да го усвои.

Останатите три заклучоци на Советот за Македонија, се исто така оние што ги предложи Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) на Федерика Могерини, а тие се, најпрво, дека Советот го поздравува фактот што ЕУ-агендата останува стратешки приоритет на земјата и дека Македонија има постигнато високо ниво на усогласеност со европското законодавство.

– Сепак, има сериозна загриженост за зголемување на политизацијата на државните институции и растечките недостатоци во однос на независноста на судството и слободите на медиумите. Неуспехот да се испорача на овие прашања им нанесе штета на одржливоста на реформите, па Советот ги повикува властите да преземат решителни мерки за брзо решавање на овие проблеми – се наведува во овој заклучок.

Советот ќе нотира и дека „повеќекратните политички кризи меѓу владата и опозициските партии покажа потреба за поконструктивен и инклузивен политички дијалог”.

– Одговорност на владата и на опозицијата е да осигураат политичката дебата да се одвива главно во парламентот и да придонесат за создавање на услови за негово правилно функционирање. Што се однесува до меѓуетничка ситуација, поголема доверба меѓу заедниците треба да се гради и прегледот на Охридскиот рамковен договор треба да биде завршен брзо и да се усвојат препораките – ќе гласи пораката од Советот.

Во последниот заклучок за Македонија ќе се наведе дека, како што е утврдено во заклучоците на Европскиот совет од јуни 2008 година и на Советот за општи работи во декември 2008 година, одржувањето добрососедски односи, вклучувајќи и постигнување на заеднички прифатливо решение за прашањето за името, под покровителство на Обединетите нации – останува од суштинско значење.

– Постои потреба да се донесат долготрајните разговори за прашањето за името до дефинитивен заклучок без одлагање. Одлучна акција е потребна. Во контекст на целокупната важност на одржувањето на добрососедските односи, Советот забележува континуирано високо ниво на контакти меѓу Македонија и Бугарија и очекува нивно преведување во конкретни акции и резултати – гласи последниот заклучок за нашата земја.

Генералните заклучоци за проширувањето се исто така договорени, па така се наведува дека во согласност со обновениот консензус за проширување, одобрен од страна на Европскиот совет на 14 и 15 декември 2006 година и заклучоците на Советот од 13 декември 2013 година, Советот ќе потсети дека проширувањето останува клучна политика на ЕУ и продолжува да придонесува за взаемна корист на мирот, демократијата, безбедноста и просперитетот во Европа.

Исто така, ќе се наведе дека Советот продолжува да придава големо значење за кредибилитетот на процесот на проширување, кој останува од суштинско значење за одржување на моментумот на реформите и јавната поддршка за проширувањето во регионот, каде што треба да биде промовиран преку подобра комуникација, но и во земјите-членки на ЕУ.

– Советот ја потврдува својата недвосмислена посветеност на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Во согласност со претходните заклучоци на Советот, а во рамки на Копенхашките политички критериуми и Процесот за стабилизација и асоцијација, кој останува на заедничка рамка за односи со земјите од Западен Балкан до нивното пристапување, исто така, ја потврдува потребата, во согласност со обновениот консензус за проширувањето, за правична и ригорозна условеност и начело на сопствени заслуги, во комбинација со капацитетот на ЕУ, во сите негови димензии, со цел интегрирање на нови членки – ќе гласи сеопфатниот залучок за проширувањето.

Претсојниот декемвриски Самит на Европскиот совет, ќе биде последен под Италијанското претседателство со ЕУ. Од 1 јануари 2015 година, со шестмесечното ротирачко претседателство на Унијата ќе претседава Летонија, додека во втората половина на идната година, претседателството со ЕУ ќе го води Луксембург. Сепак, улогата на земјите во претседателствувањето со Советот на ЕУ е повеќе протоколарна и никој од нив не може да помогне Република Македонија да ги добие заслужените преговори за членство поради грчката блокада, но може постојано да го покренува македонското прашање на агендата и со тоа да привлече повеќе пријатели за предлогот на Еврокомисијата за отворање на пристапните преговори со нашата земја.