„Гала кујна“ од денеска работи, не се најдени патогени бактерии

Не се најдени патогени бактерии на работните површини и во испироците од раце на вработените во „Гала кујна“, соопшти денеска Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Земениот примерокот вода одговара на законските и стручни прописи, согласно Правилникот за безбедноста на водата (Сл. весник на РМ 46/08), додека примероците на храна не одговараат за употреба согласно Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми на храната (Сл. весник на РМ бр.100/2013) за што е надлежна Агенцијата за храна и ветеринарство.

Согласно стручното мислење од Информацијата добиена од ЈЗУ ЦЈЗ Скопје, загадената храна претставува потенцијална можност за настанување на цревни инфекции, заради што постои основано сомнение дека се работи за алиментарна токсоинфекција.

Сооглед на фактот дека од земените материјали од жива и нежива средина не се изолирани патогени бактерии, а при контролниот инспекциски надзор констатирано е дека се преземени наложените мерки, Државниот санитарен и здравствен инспекторатвчера при контролниот инспекциски надзор, ја симна лентата за забрана за работа и објектот од денеска работи.