Галатасарај должи и до три плати

Холандскиот репрезентативец и член на Галатасарај, Весли Снајдер, потврди дека неговиот агент е во преговори со турскиот тим околу неисплатени плати кон фудбалерот.

Според медиумите во Холандија, Снајдер веќе три месеци нема земено плата, што му овозможува да го напушти клубот без никаква оштета доколку се реши за такво нешто.

“Галатасарај работи напорно за да ги подмири долговите. Мојот менаџер е во преговори со претседателот со цел да се изнајде решение. Како и да е, во моментов единствено сум фокусиран на холандската репрезентација”.

Претседателот на Галатасарај, Унал Ајсал, потврди дека не планира да се кандидира повторно на изборите за прв човек на турскиот гигант, особено поради тоа што зголемените долгови на клубот претставуваат закана за дополнителни санкции од УЕФА поради прекршувањето на финансиското фер-плеј правило.