Галатасарај и Панатинаикос со победи ја отворија Топ 16 фазата

Тимот на Галатасарај со победа го отвори првото коло во групата Е од Топ 16 фазата во кошаркарската Евролига.

Турците на домашен терен славеа против Жалгирис со 78:69, и тоа пред празни трибини, поради суспензијата која ја заработи тимот од Истанбул.

Најефикасни во победничкиот тим беа Зоран Ерцег и Синан Гулер со по 14 поени, додека кај Жалгирис најмногу се истакна Џејмс Андерсон со 15 поени.

На другиот натпревар кој се одигра синоќа, Панатинаикос во Атина славеше над актуелниот европски шампион Макаби со 83:76.

Израелците водеа во текот на целиот меч, но домаќините одиграа одлично во последниот период (23:12) и ги освоија првите бодови во оваа фаза од Евролигата.

Најефикасни во победата на Пао беа Батиста со 16, односно Гист и Слотер со по 15 поени. Кај Макаби одлична партија пружија Рендл и Линхарт со по 18 поени.