ГАЛЕРИЈА: Груевски одржа говор пред Генералното Собрание на ОН

Југоисточна Европа треба трајно да ја осигура својата стабилност и да граби кон економски напредок. Решавањето на отворените прашања, и тоа врз база на принципите на ОН, во што побрз период, треба да биде стратешки приоритет и предмет на интерес на ОН. Политиката на посветеност, соработка и мудрост кон решавањето проблеми треба да биде нашата заедничка опција и тоа преку проактивен пристап и максимален ангажман, истакна македонскиот премиер Никола Груевски во обраќањето пред Генералното Собрание на Светската организација во Њујорк.

Република Македонија останува активен и конструктивен актер во регионалното опкружување, давајќи значителен придонес на натамошното продлабочување на добрососедските односи, регионалната соработка и зацврстувањето на регионалната безбедност. Оваа година ние претседаваме со Централно Европската Иницијатива и се фокусираме на афирмирање и промовирање на регионалната поврзаност, развој на инфраструктурните и енергетски врски и одржливиот развој во регионот, рече Груевски.

Главната стратегиска и надворешно-политичка цел на Република Македонија, истакна Груевски, останува нашето членство во ЕУ и НАТО. – Сите реформи преземени во земјата се во согласност со таа цел. Сите внатрешно-политички проблеми се решаваат во тој дух. Сепак, без оглед на внатрешно-политичките предизвици со кои се соочуваме, дозволете ми да подвлечам дека не треба да има препрека на нашиот пат кон евро-атлантската заедница на нации, наглaси македoнскиот премиер.

Едно нерешено прашање, посочи, кое, за жал, стои на патот на трајна стабилизација на нашиот регион, и директно влијае врз мојата земја и сѐ уште стои во агендата на ОН, за жал, е разликата со Грција околу името на мојата земја.

– Нашата позиција е мошне позната. Решавањето на разликите со нашиот јужен сосед е наш приоритет, во рамките на границите на резолуциите на ОН и согласно меѓународното право, кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение. Нашата позиција е добро позната и таа е во контекст на реалноста, дека ние сме Македонци, говориме македонски јазик и живееме во држава со уставно име Република Македонија. Меѓународното право треба да се почитува од сите и во сите случаи, а не наменски. Оттука и одлуката на Меѓународниот суд на правдата донесена во корист на мојата земја треба да се почитува од сите членки на оваа организација, особено затоа што тој суд е основан од ОН и треба да е гарантот на спроведувањето на правдата и на билатералните договори склучени под покровителство на ОН. Во спротивно довербата во светската организација и нејзините тела и органи ќе опаѓа, нагласи Груевски.

 

Според премиерот Груевски, треба ангажман за да се мотивира Грција да пристапи кон решавање на ова прашање, имајќи ја предвид инертноста која во дел е резултат на објективни причини заради неповолната економска состојба.

– Како две пријателски земји кои освен овој немаат друг проблем треба да се почитуваме и да соработуваме, да разговараме. Би сакал да ја повикам новата Влада во Грција, како што правевме и во претходните случаи, во духот на добрососедските односи и пријателството, да го решиме ова нерешено прашање како одговорни лидери и држави пред нашите народи. Како соседи, почитувајќи ја Времената спогодба од 1995 година како темел на нашите односи, неодамна договоривме список на практични мерки за градење доверба кои ќе бидат спроведени меѓу нашите земји, позитивен чекор што може да доведе до создавање погодна клима за надминување на разликите во врска со името. Се надевам овој пристап ќе продолжи и со новата грчка Влада, рече Груевски.

2

3

4

5