Галичица ќе добие уредени полетилишта и слетилишта за параглајдери

Планината Галичица во Охрид, која важи за една од најатрактивните места за летање со параглајдер, во иднина ќе добие уредени полетилишта и слетилишта за параглајдери. Ова е дел од проектот за развој на параглајдеризмот кој го реализира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, пишува Охридњуз.

Овој проект се реализира во партнерство на УСАИД, а како најатрактивни локации за проектот беа дефинирани: Крушево, Галичица, Прилеп и Попова Шапка Првата локација – Крушево веќе се уреди според предвиденото и дефинираните светски стандарди, во пресрет на одржувањето на Светскиот куп во параглајдерство кое успешно се одржа во Крушево и на кој учествуваа над 140 натпреварувачи, информираа од АППТ.

Од таму посочуваат дека главната цел на овој проект е популаризација на параглајдеризмот, привлекување на туристи, зголемување на безбедноста и подобрување на техничките условите за летање со параглајдери во Република Македонија.

Со реализација на овој проект ќе се збогатат спортско-рекреативните содржини и ќе се поттикне развојот на туризмот. Македонија со својата умерена клима, високите планини, и езерата и многуте сончеви денови, овозможува голем број на летачки денови и со тоа е еден од најатрактивните терени за летање со параглајдери во регионот но и пошироко. Параглајдерството е авантуристички, рекреативен и натпреварувачки спорт кој му овозможува на човекот преку техниката на слободно летање, движењето на ветерот и топлиот воздух да доживее авантура, да види извонредни глетки и се врати задоволен со извонредни доживувања, велат од АППТ, појаснувајќи дека во рамки на овој проект ќе се реализираат повеќе активности што ќе овозможат подобрување на условите и безбедноста за параглајдеристите.

-Ќе се изврши регистрација и уредување на сите места за полетување -полетувалишта и слетувалишта, ќе се изврши инсталација на потребната опрема како што се ветрокази, вратило за подготвување и ќе се постават метеоролошки станици. Исто така партерно ќе се уредат полетиштата, а ќе се постават патокази и мапи за информирање на туристите, информираат реализаторите на овој проект.

Во рамки на проектот планирано е и печатење на рекламен материјал односно брошура и водич за параглајдеристи, а ќе биде изработен и веб-сајт за летањето во Македонија.

Извор: Ohridnews.com