Гардијан: Ципрас својата задача ја заврши успешно

Потврдено е дека Сириза ќе коалицира со Независна партија и дека нивната коалиција ќе има 162 места во парламентот. Алексис Ципрас денес во 16 часот ќе даде заклетва како нов грчки премиер, а претходно во 15:30 ќе се сретне со грчкиот претседател и ќе му го открие составот на идната влада.

Како што пишува Гардијан, средбата на лидерите на партиите не траела ни еден час кога Панос Коменос, лидерот на Независна партија излегол и на новинарите им кажал: „Грција има нова влада“.

„Ципрас својата прва задача ја изврши успешно – коалиција меѓу неговата левичарска партија и популистичката десница“, пишува Гардијан.

Андонис Јоргијадис, поранешниот министер за здравство оваа коалиција ја искоментирал со зборовите: „Е сега ќе почнат проблемите“.

Странските агенции јавиваат дека коалицијата поприлично ќе ја загрижи Европа.

„Ова е најлошиот можен исход“

Аналитичарот Волф Пиколи за Блумберг изјавил дека оваа коалиција е најлошиот можен исход. „Да не заборавиме дека Независните се националнистичка партија. Освен тоа, во ниту една од колаициските партии нема луѓе со искуство“, истакнал Пиколи.

Грција летово треба да плати 10 милијарди евра долг

Пред Ципрас стојат голем број предизвици бидејќи трошоците на задолжувањето на Грција се исклучително високи, па тешко може да се пристапи до меѓународните финансиски пазари.

Истовремено за наплата годинава стасуваат 10 милијарди евра долг. Тоа ќе го натера Ципрас на преговори за „одмрзнување“ на дополнителна помош во износ од седум милијарди евра, пред истекот на меѓународната програма за помош кон крајот на февруари годинава.