„Гардијан“: Грција по грешка вратила 13 мигранти во Турција

Грција по грешка вратила 13 мигранти во Турција. Британскиот весник „Гардијан“ пишува дека 13 од 202-те лица што беа вратени во Турција во рамки на договорот помеѓу ЕУ и Турција, најверојатно имале можност да остварат право на азил.

Некои од првите лица што биле депортирани во Грција под условите на договорот помеѓу ЕУ и Турција најверојатно не добиле ниту шанса да побараат азил. Полицијата „заборавила“ да ги процесира барањата за азил на 13 од 202-та баратели на азил што беа вратени во Турција вчера, односно првиот ден кога почна да се применува договорот, вели Винсент Кошетел, директор на европското биро на УНХЦР.

ЕУ претходно даде ветување дека барањата на лицата што ќе побараат азил во Грција ќе бидат разгледувани случај по случај и дека нема да има автоматски и произволни враќања на азилобарателите.

За 24 часа пристигнале 200 нови мигранти на грчките острови

Во последните 24 часа на грчките острови во источниот дел од Егејското Море пристигнале 225 мигранти и бегалци.

Подетално, како што јави дописникот на МИА од Атина, на Лезбос пристигнале 187 лица, на Самос 20 мигранти и на островот Мегисти (Кастелоризо) од утрово пристигнале 18 бегалци.

Според денешните податоци, на грчка територија има вкупно 52.352 мигранти и бегалци.

Почна пренесувањето на мигрантите од Грција во Турција

Грција синоќа соопштија дека согласно договорот меѓу Европската унија и Анкара за запирање на мигрантскиот прилив кон Европа, во текот на вчерашниот ден вкупно 202 илегални мигранти од грчките островите Лезбос и Хиос со три бродови биле вратени во Турција.

Дел од договорот потпишан минатиот месец предвидува мигрантите кои илегално влегле во Грција по 20 март и кои не ги исполнуваат условите за добивање азил во ЕУ, да бидат вратени во Турција.