„Гардијан“ и „Њујорк Тајмс“ бараат помилување за Сноуден

Уредниците на британскиот весник “Гардијан“ и американскиот „Њујорк Тајмс“ во новогодишните редакциски коментари побараа од САД да го помилуваат Едвард Сноуден.

Уредниците на двата весници во текот на 2013 година се здружија по повод „случајот Сноуден“ и заеднички ги издржаа притисоците од властите поради објавување на доверливи информации, апелираа до администрацијата на претседателот на САД, Барак Обама да го третираат Сноуден како информатор, а не како криминалец.

Поранешниот соработник на ЦИА по објавувањето на информациите за размерот на шпиунирање и надгледување на телефонските повици и дигитална комуникација што ја спроведуваат властите на САД и Велика Британија мораше да побегне и да побара азил, а во моментов престојува во Русија.

„Гардијан“ и „Њујорк тајмс“ наведуваат дека неговата работа и одлука да ја објави документацијата за програмите кои ги спроведува разузнавачката агенција НСА се од неизмерна важност за јавноста и дека поради тоа требало да биде исклучок од кривично гонење или би требало да биде гонет за поблаго дело.

„Земајќи ја предвид огромната вредност на информациите кои ги објави, како и притисокот на кој што е изложен, господин Сноуден заслужува подобар жвот од константно прогонство, страв и бегање. Можеби направил кривично дело кога успеа во своите намери, но направи голема работа за својата земја. Време е САД да му понудат на господин Сноуден спогодба или некој вид на помилување, што би овозможило да се врати во својата куќа и да се соочи со казната која би била значајно намалена имајќи ја предвид неговата улога како информатор“, наведува „Њујорк Тајмс“.

Весникот наведува дека Сноуден ниту во еден момент сериозно не им наштетил на разузнавачките операции на САД, ниту со своите информации ја загрозил националната безбедност.

„Кога некој ќе открие дека државни службеници редовно и намерно ги кршеле законите, не би требало да биде соочен со доживотна затворска казна која би му ја изрекле тие луѓе“, се наведува во текстот.

„Гардијан“ пишува дека земајќи го предвид сето она што се случувало „тешко е да се верува дека Обама сака да го помилува Сноуден“, но истакнува дека САД мора да сфатат дека чинот на Сноуден е чин на голема храброст.

„Сноуден им даваше доверливи информации на новинарите, многу беше свесен за последиците. Тоа беше чин на голема храброст. Претседатели, од Бенџамин Френклин до Роналд Реган, даваа помилувања. Дебата која ја отвори Сноуден без сомневање ќе стигне до Врховниот суд во САД. Ако и таму се утврди дека Сноуден укажал на сериозни прашања од јавно значење, кои биле скриени од јавноса (или, уште полошо, нечесно затскриени), дали е разумно тој да се третира како предавник и обичен криминалец? Се надеваме дека со студена глава сегашната администрација работи на стратегија која би му дозволила на Сноуден достоинствено да се врати во САД и дека претседаелот ќе ја искористи својата извршна моќ кон него да се однесува хумана и на начин кој би послужил како светол пример за вреднностите на информаторите и слободата на говор“, наведува „Гардијан“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.