„Гардијан“: Лондон призна – и без дозвола шпионираме

Лондонскиот весник Грдијан денеска пишува дека Британската Влада првпат признала дека нејзините разузнавачки служби можат без налог да пристапат до огромни количини на „необработени“ податоци, кои ги собираат американската Национална безбедноста агенција (НСА) и другите шпионски агенции во странство.

Весникот нагласува дека признанието на британската Влада произлегува од документите, проследени до телото, задолжено за надгледување на работата на британската разузнавачка агенција GCHQ, која е пандан на американската НСА.

Документите ги откриваат „тајните аранжмани“ на двете партнерски агенции, пишува весникот и потсетува дека податоците за тајните работења ги барале организациите Амнести интенешнл, Либерти и Прајваси интернешнл, по објавувањето на информациите до кои дојде поранешниот разузнавач Едвард Сноуден.

Во одговорот на Владата стои дека Велика Британија може да собира „неселективни“, а тоа значи сирови и неанализирани разузнавачки податоци од партнерите од странство без каков било налог, доколку „од технички причини не е можно да се обезбеди комуникација врз основа на налог“ и ако „тоа е неопходно и потребно“ за разузнавачките агенции да дојдат до информации.

Со таа одредба е дозволено собирање на голема количина материјал, вклучувајќи ја и комуникацијата меѓу британските граѓани.

„Гардијан“ наведува дека во документот експлицитно стои дека „налогот не е потребен во сите случаи во кои од некои странски влади би можело да бидат побарани неанализирани пресретнати комуникации“.

Тоа правило се однесува и на податоците за комуникациите, кои им се испраќаат на британските агенции, иако тие не ги барале.

Трите споменати организации за човекови права нагласуваат дека ова признание е сосема спротивно од тврдењата на парламентарниот Комитет за разузнавачки работи и безбедност, кој во јули минатата година соопшти дека барањето налог, кој го потпишува министерот е во сила секогаш кога GCHQ бара информации од САД.

Собраните податоци можат да бидат чувани до две години, што е ист временски рок, како и за податоците, кои ги собира самата GCHQ. Меѓутоа тој рок може да биде продолжен доколку „висок функционер смета дека тоа е потребно и е во интерес на националната безбедност“.