Гардијан: Младите со интелектуална попреченост и нивните родители сакаат да бидат информирани (III)

Веќе  ги објавивме првиот и вториот дел од сторијата  на престижниот британски весник „Гардијан“  за проектот „Девојките одлучуваат“ во чии рамки се правеа стории во неколку земји во светот за положбата на жената на различни теми. Во Македонија се работеше за едукацијата за репродуктивно и сексуално здравје и права за млади со интелектуална попреченост. Нивниот новинар ја посети Македонија пред околу година дена, а по повод  Неделата на сексуално и репродуктивно здравје и права на лицата со попречност, кој ја организира ХЕРА. Затоа, во соработка со невладината организација ние ќе ја пренесеме нивната сторија преку приказните на вработените во центрите и лицата со интелектуална попреченост.

  „Главната цел на нашиот сервис е нивниот личен развој – да ги направиме што понезависни, а ова е дел од таа работа.“

 Младите со интелектуална попреченост и нивните родители сакаат да бидат информирани

Приказната на Лара

 Постои погрешна претстава за лицата со интелектуална попреченост, а тоа е дека сексуалноста не е или не треба да биде проблем за нив – едноставно, не треба да имаат секс. Секако, таквите млади се сексуални битија, исто како сите други, со чувства и желби, како и исти права. Сепак, тие се поранливи: постои три пати поголема веројатност лицата со интелектуална попреченост да станат жртви на сексуална злоупотреба во споредба со лицата без попреченост.

 

Во Македонија, ХЕРА, која е членка на Меѓународната федерација за планирано родителство (IPPF), организира сексуално образование во центрите во кои доаѓаат лицата со интелектуална попреченост. Целта е корисниците да се научат како да си го заштитат сексуалното и репродуктивното здравје и како да имаат пријатен, одговорен и здрав сексуален живот. Денес програмата се спроведува во шест дневни центри и една државна резиденцијална институција.

 

Во Дневниот центар ПОРАКА во Скопје, Маријана Серафимовска Димитриеска им држи час на група од околу десет млади жени. Користи голем хамер со исечени слики на кои се прикажани двојки и поединци со цел да поттикне дискусија за тоа што е пристојно однесување во различни врски.

 

Една од најактивните учеснички во групната сесија е Лара, на возраст од 27 години, која има проблеми во однесувањето и интелектуална попреченост. Таа е полна со енергија, зафатена во кујната на центарот, ја презема главната улога кога се готви. Сама доаѓа со автобус секој ден. Тоа е важен знак на нејзината независност, ама тоа значи и дека треба да знае како да се заштити. Во ПОРАКА доаѓа веќе пет години.

 

„Обожавам да доаѓам тука зашто многу време поминувам во работа“-вели Лара. „Ми се допаѓа што сум активна цело време. Најомилен дел ми е да работам во кујната, кога готвиме ручек, кога го сечкаме зеленчукот. Ми се допаѓа и часот по уметност.“

 

Што мисли за едукациите за сексуално репродуктивно здравје и права?„Ми се допаѓаат и мислам дека се корисни“- вели. „Ако некој сака да не присили, може да го оттурнеме и да се заштитиме, да се одбраниме. А учиме и некои работи што можеш само дома да ги правиш, кога си сам, а не на јавни места.“

 

Лара вели дека еднаш имала момче, а сака пак да има – ако си најде.„Морам да се однесувам пристојно, да не бидам агресивна со него и да користам кондом“, вели Лара.

 

Целта на ХЕРА со оваа програма е таа да стане одржлива со помош на нови вработени во секој центар кои што постарите членови ќе ги обучат. Веќе има планови да се започне со обука на родителите со истите методи за да можат да ги поддржат и дома пораките што им се пренесуваат на нивните деца во центарот. Таткото на Лара, Бранислав разбира зошто.

 

Бранислав предава електронски науки во средно училиште, а присуствувал на неколку средби на кои се дискутирало за предложената програма за едукативните сесии за сексуално репродуктивно здравје и права , пред нејзиниот почеток. Дојде во центарот, по завршување на сесијата, да ни каже што мисли за ваквата работа.

 

„На почетокот мислев дека е чудна тема за дискусија, но со тек на време разбрав дека ќе има корист па почнав да учествувам во консултациите“- вели тој. „Прифатив дека има потреба отворено да се зборува тука во центарот со младите , особено за сексуалната злоупотреба, но и за нивниот сексуален живот.“

 

„Јас сум стара школа, не дискутирам за овие работи со ќерка ми. Ниту моите родители не дискутираа за ова со мене. Тешко ни е отворено да разговараме за тоа па подобро  е да зборуваме тука во центарот. Убаво е што учат како да се однесуваат вон оваа средина и вон домот, да знаат дека не треба да застануваат и да зборуваат со непознати.“

 

„Мора овие работи да им ги повторуваме оти забораваат. Секој ден исто се случува, одат на улица и запираат некого и започнуваат разговор. Мора да имаме на ум во какво време живееме, како и дека сексуалната злоупотреба е мошне честа кај лица со интелектуална попреченост.“

„Лара веќе отворено дискутира за овие работи. Многу е блиска со својата тетка, сестра ми, и со неа разговара за овие прашања.“

 

„Има различни родители тука, на некои од нив им беше тешко да ја прифатат програмата, но на крајот ја прифатија. Ги убедивме со тоа што им кажавме дека незнаењето е лошо, дека добро е да се знае.“