„Гардијан“: Путин е ист како Милошевиќ

Во текстот посветен на кризата во Украина, британскиот весник „Гардијан“ го спореди рускиот претседател Владимир Путин со поранешниот претседател на Србија и Југославија Слободан Милошевиќ кој почина во притвор додека ја чекаше пресудата на Хашкиот трибунал по повод обвиненијата за злосторства, пренесува „Танјуг“.

– Владимир Путин е Слободан Милошевиќ, подеднакво лош, но поголем. Зад завесата од лаги, тој сака да направи марионетска парадржава во истокот на Украина, оценува британскиот весник.

„Гардијан“ понатаму наведува дека „исто како Милошевиќ“ и Путин е подготвен да го употреби секој инструмент што му е на располагање, без никакви ограничувања.

-Во неговата војна против Западот, тој распореди тешко воено вооружување, се користи со уцени во снабдување со енергенси, сајбер напади, софистицирана пропаганда која ја спроведуваат финансираните медиуми, тајни операции и агенти кои имаат влијание во престолнините на ЕУ, наведува весникот.

Во текстот се оценува дека Европа е презафатена со случувањата во Грција и еврозоната поради што не дозволува во нејзиниот двор да се случи „втора Босна“.

-Разбуди се Европо. Ако нешто научивме од сопствената историја, тоа е дека Путин мора да биде сопрен. Но, како? – се вели во текстот и се додава дека понекогаш „само оружјето може да го сопре оружјето“.

Во таа смисла и понатаму се зборува дека „времето за дипломатија повторно ќе дојде, но дека тоа не е сега“.

„На Украина итно и е потребна воена поддршка и одговор на руската пропаганда“ , оценува весникот од Лондон кој потсеќа на илјадниците жртви во конфликтот во Украина и на оние што морале да побегнат од сопствените куќи.

„Гардијан“ наведува дека рускиот претседател ја „потхранува паранојата“ и се навраќа на изјавата на Путин пред студентите во Санкт Петерсбург, дека украинската војска не е украинска, туку дека станува збор за легија на НАТО.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.