Гардијан се вади: Дел од македонските медиуми го извртуваат тоа што го кажа премиерот

По демантот од страна на премиерот Никола Груевски за пренесувањето на текстот објавен во британски „Гардијан“ реакција стигна и од весникот. Според нив дел од македонските медиуми го извртеле тоа што го кажал премиерот.

Патрик Кингсли, известувачот на весникот Гардијан кој денес објави текст за спорот за името, вели дека текстот бил погрешно пренесен во дел од македонските медиуми, кои го протолкуваа како наводна подготвеност на премиерот Никола Груевски да го смени името, пренесува МИА.

Во разговор за МИА, Кингсли изјави дека од разговорот со премиерот Груевски произлегла стандардната македонска позиција за спорот за името, дека Македонија е подготвена за разговори, но дека на крајот конечниот збор во спорот ќе го имаат македонските граѓани, преку референдум.

Разбрав дека во медиумските реакции во Македонија делумно се извртува тоа што премиерот го кажа во разговорот со Гардијан. Премиерот кажа дека Македонија мора да преговара со цел да се постигне компромис. Но, притоа повеќе пати повтори, и тоа е јасно наведено во текстот во Гардијан, дека конечниот збор ќе го имаат граѓаните, на рефрендум. Рече дека, на крајот, граѓаните ќе одлучат. Тоа е јасно потенцирано во текстот и затоа сум помалку изненаден од реакциите на текстот, бидејќи беше апсолутно јасно дека премиерот не зборуваше за преземање чекор само на неговата иницијатива. Потенцираше дека се што ќе заклучат преговарачите ќе мора да биде потврдено на референдум. Изненаден сум што македонските медиуми го промашија овој момент во неговите ставови, изјави Кингсли.

Поголем број македонски медиуми текстот во Гардијан го пренесоа како наводно менување на позицијата на македонската Влада, во пресрет на средбата на министрите за надворешни работи на двете земји во Грција.

Кингсли: Ставот на премиерот беше крајно разбирлив

На прашањето дали во разговорот премиерот Груевски ја променил македонската позиција во спорот за името, Кингсли вели дека од разговорот било јасно дека Македонија останува на својата позиција, секој евентуален компромис да се потврди на референдум.

Ставот на премиерот беше крајно разбирлив. Јасно е дека ова е прашање кое влијае на македонските односи со Грција. Јасно е зошто двете страни сакаат да преговараат. Јасно е и дека, по 24 години, двете страни ќе мора да направат компромиси и апсолутно е правилно што премиерот кажа дека конечната одлука ќе биде во рацете на граѓаните, а не во неговите лични раце. Ова ми делуваше сосем разумно, и затоа бев изненаден кога слушнав за медиумската реакција која овој текст ја предизвика, вели Кингсли.

Во текстот за Гардијан се цитираат и неколку можни компромисни имиња како Горна или Нова Македонија. Кингсли вели дека за такво нешто воопшто не разговарал со премиерот Груевски, и дека голем дел од текстот не е базиран на разговорот со него, туку се работи за потсетување на читателите на претходни идеи што циркулирале во јавноста во текот на преговорите.

Груевски: Насловот на статијата на „Гардијан“ е новинарски коментар, а не моја изјава

Насловот на статијата на „Гардијан“ е новинарски коментар, а не моја изјава, истакна премиерот Груевски во врска со неточните интерпретации на насловот на „Гардијан“- Македонија отворена да го промени името за да стави крај на 24-годишниот спор со Грција.

По писмената реакција испратена од неговиот кабинет, премиерот денес одговарајќи на новинарско прашање даде коментар за оваа изјава што беше погрешно пренесена и извртена од дел од македонските медиуми.

Повеќе од 10 години давам стандардна изјава околу ова прашање, за сите медиуми и домашни и странски. Тоа е дека сакаме да отвориме дијалог со Грција, сакаме да имаме дијалог со Грција, дека сакаме да најдеме некое решение и да најдеме некаков компромис  со кој што ќе се надмине проблемот. Какво и да најдеме решение, тоа ќе го изложиме на увид и согласност на граѓаните на организиран референдум. Тоа го говорев и во 2005-та, тоа го говорев и во 2008-ма, во 2012-та и сега во 2015-та. Тоа го говорам и тука кога ме прашувате во Македонија, тоа го говорам и кога ме прашуваат странски медиуми. Зошто некој сакал од сето тоа да извлече друг наслов, поинаков наслов, нешто што не сум го говорел, сигурно има некаква причина, истакна Груевски.