Гарeвски: Да не се создава пресија,училиштата и градинките се безбедни

Институтот за земјотресно инженерство (ИЗИИС) досега извршил проценка на стабилност на 71 објект по серијата земјотреси што од неделата се регистрираат во скопското епицентрално подрачје.

Екипите на ИЗИИС до вчера до 12 часот посетиле и направиле проценка за стабилност на 16 градинки, 22 основни и осум средни училишта, еден факултет, пет здравствени установи, еден суд, осум административни објекти и 10 згради.

Според Михаил Гарeвски, директор на ИЗИИС, нема потреба да се создава пресија. Училиштата и градинките се безбедни, не е нарушена стабилноста на конструкцијата, а неколку училници каде што се појавиле пукнтини се затворени само од превентивни мерки, бидејќи се можни  афтершокови кои може да предизвикаат евентуално паѓање малтер од преградните ѕидови.

– Во објектите што беа посетени стабилноста не е нарушена. Во одредени простории во дел од објектите констатирани се одредени неконструктивни оштетувања. Во случаите каде овие неконструктивни оштетувања се значителни, тие простории се затворени за употреба поради евентуални понатамошни оштетувања во услови на можни следни земјотреси, изјави Радмила Шалиќ од ИЗИИС.

Таа додава дека на одговорните лица на овие објекти им е дадена препорака да ги следат оштетувањата во следниот период и доколку е потребно повторно да ги повикаат екипите од ИЗИИС.

Екипите на ИЗИИС и денеска се на терен и ги посетуваат објектите од јавен интерес со цел да направат проценка на стабилноста.

ИЗИИС првенствено врши проценка на стабилноста на објектите од витален интерес за градот, а за проценката на безбедност на објектите за индивидуално домување задолжени се општините.

На бројот 195 граѓаните можат да пријават потреба од проценка на безбедност на објектите, а не да се јавуваат за проценка на штета за обештетување. Доколку не можат да се јават на телефонската линија, може да испратат податоци (име, презиме, телефонски број за контакт, точна адреса и краток опис на штетата предизвикана од земјотресот) на rcukskopje195@cuk.gov.mk. и mail@cuk.gov.mk.

Досега, како што информираат од Центарот за управување со кризи, пристигнати се околу 500 пријави.