Гаревски: Да се надеваме дека ова беше главниот удар

Да се надеваме дека ова беше главниот удар, вели Михаил Гаревски, директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, во изјава за „Тв Нова“ по вториот земјотрес во Скопје  денеска.

Гаревски вели дека е необично што има голема разлика во магнитудата меѓу утринскиот земјотрес кој го погоди Скопје, и тој што се случи попладнево. Утринскиот, кој беше пред седум часот утринава беше со јачина од 3,9 степени по Рихтеровата скала, а попладневниот, кој се случи во 15 часот и десет минути беше со јачина од 5,3 степени по Рихтеровата скала.

– Ако е ова главниот удар, можеби ќе има афтершокови. После магнитуда од 5,3 степени може да дојде до уште некои тресења. Од магнитуда 5,3 до 3,9 има огромна разлика, скалата не е линеарна туку логаоритамска – рече Гаревски.

Тој денешните тресења ги спореди со земјотресот кој се случил во Валандовскиот крај во 1904 година, а кој се смета за најсилен на Балканот. Тогаш имало првичен релативно силен удар, по што следел и главниот удар кој бил со јачина од 7,8 степени по Рихтерова скала.