Гарнет и Хауард како на времето Баркли и Шекил

На синоќешниот НБА натпревар помеѓу Бруклин и Хјустон дојде до инцидент каде во главните улоги беа Кевин Гарнет и Двајт Хауард.

По еден дуел под обрачот на Бруклин, дојде до вербална, а веднаш потоа и до мала физичка пресметка, која само поради присебноста на останатите кошаркари и службените лица, не доведе до сериозен инцидент.

Гарнет поради својата постапка заработи двојна техничка грешка и исклучување, а Хауард мина со една техничка грешка, по што дополнително ќе биде одлучено околу натамошните евентуални суспензии на двајцата.

Оваа ситуација во голема мера потсетува на инцидентот од пред 10-тина години кога Чарлс Баркли и Шекил О’Нил влегоа во клинч, на дуелот кој тогаш се играше помеѓу Хјустон и ЛА Лејкерс.

Најверојатно токму овие две поранешни НБА ѕвезди, кои сега имаат заедничка ТВ емисија, се идолите на Гарнет и Хауард. Можеби во иднина и “џиновите” од Бруклин, односно Хјустон ќе се појават со свое заедничко шоу. Којзнае..

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.