Гашовски бил вмешан во македонската наркомафија

Македонскиот бизнисмен Џон Гашовски, кој пред два дена е пронајден мртов близу Волонгонг, Австралија со куршум во главата, е убиен од страна на професионалец убиец кој зад себе не оставил никакви физички траги, вели во првото обраќање кон јавноста австралиската полиција, пренесува Република.

„Ги истражуваме сите негови контакти, посебно со неговите најблиски бизнис партнери и сонародници, од кои повеќето имаат големо полициски досие и се познати како членови на криминални групи“, изјавиле официјалните лица од сојузната полиција во Сиднеј, за тамошните медиуми.

Голем интерес на полицијата предизвикал и моментот според кој фирмата на Гашовски, позната како „ЈСЈ комуникации“, била ликвидирана во јуни минатата година, а австралиската Комисија за хартии од вредност и инвестиции (АСИЦ) издала Нота таа да биде одјавена и избришана од листата на фирми во Австралија поради долгови.

Четириесет и осум годишниот Гашоски е по потекло од Битола, а со семејтвото живеел во Сиднеј. Три од неговите четири деца се ученици, а во изминатиот период работела само сопругата на Џон, Џеки. Сепак, според наодите на полицијата тие живееле одлично и не побарале финансиска помош од државата, дури купиле и нов автомобил.

Токму финансиската стабилност и врските со криминалците за полицијата во Сиднеј се важната алка за истрагата бидејќи тие веруваат дека Гашовски имал бизнис релација со наркомафијата со потекло од Македонија.