Гасовод од Грција, преку Македонија и Србија алтернатива за „Јужен тек“

Изградба на гасовод од Грција преку Македонија и Србија до Унгарија би била алтернатива за проектот „Јужен тек“, најави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, пренесе МИА.

Според него, ова е едно од можните решенија кое би ги обезбедило предвидените количини гас што беа планирани со „Јужен тек“. Ваквото решение ќе се разгледа за десетина дена и со претставници на Турција низ чија територија треба да минува новиот гасовод што го договорија Москва и Анкара како алтернатива на „Јужен тек“, рече Сијарто по вчерашната средба со потпретседателката на српската Влада Зорана Михајловиќ во Белград.

Оценувајќи го откажувањето на проектот „Јужен тек“, еден од најважните за енергетска безбедност на средна Европа, како лоша вест за Србија и Унгарија, Сијарто истакна дека нема друг избор освен да се најде ново решение.

Шефот на унгарската дипломатија најави дека во почетокот на следната недела ќе побара Европската комисија во својот инвестициски пакет да испланира и проект за унапредување на енергетската безбедност на регионот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.