Гаспром предупредува дека ќе има проблеми во испораката на гас за Европа

Руската компанија за гас, Гаспром објави денеска дека не ja исклучува можноста дека може да се поремети испораката на гас во Европа поради политичката ситуација во Украина, но и дека продолжуваат со вложување во извозно-ориентирани работи, како што е Јужен тек, известуваат руските медиуми.

„Политичката напнатост во Украина, која дополнително ја влошува незавидната економска ситуација, би можеле да предизвикат пореметување во испорака на гас во Европа,“ пренесе Итар-Тас, повикувајќи се на работните извештаи на Гаспром.

Од таму воедно порачуваат дека ќе вложат максимални напори за да се намали ризикот за извоз.

„Ќе продолжиме да вложуваме во останатите извозно-ориентирани проекти како Јужен тек и ќе го зголемиме производството на течниот гас и извозните капацитети. Го зголемуваме нашиот пристап кон подземните капацитети за складирање на гас во Европа,“ додаваат од Гаспром.

Русија и испорачува гас на Украина според договорот, иако Киев не ги подмирува долговите, истакнува финансискиот директор на Гаспром, Андреј Кругљов.

Русија беше подготвена да и одобри на Киев 33 отсто поевтин гас, но тој договор пропаднал по февруарското насилство во Украина.