„Гаспром“ се закани дека ќе го сопре гасот кон Европа

Рускиот гасен гигант „Гаспром“ се закани дека ќе го сопре снабдувањето со гас на Европа, ако биде блокиран проектот за гасоводот Турски тек.

„Тоа ќе го направиме ако не присилат на тоа“, изјавил Милер, со предупредување дека ЕУ еднострано се обидува да ги префрли сите ризици врз снабдувачот со гас, што предизвикува големи тешкотии за „Гаспром“.

„Европа мора да даде јасен и категоричен одговор: ѝ треба ли оваа ресурсна база или не“, порачал шефот на „Гаспром“.

Според зборовите на експертите, претходно руските власти и раководството на „Гаспром“ истакнувале дека никогаш нема да ги нарушат договорните обврски кон европските клиенти.

Во Европа веќе се создаде неформална коалиција на земји кои го поддржуваат Турски тек, но меѓу нив ја нема Бугарија, која претходно под притисок на Европската комисија се откажа од изградбата на гасоводот Јужен тек.

Како што тврди рускиот економски весник РБЦ дејли, Дмитриј Баранов, експерт од областа на енергенсите, смета дека една од причините за острите изјави од Гаспром е создавањето на Европската енергетска унија. Европските потрошувачи досега преговараа со снабдувачите поединечно, а условите на одделните договори беа строго доверливи.

„Ако Европската комисија сака да воспостави единствена увозна цена на гасот, тоа сигурно нема да биде најниската цена по која ние ја снабдуваме Европа“, истакнал Баранов.

До 2020 година „Гаспром“ планира да го прекине транзитот на гас преку Украина, а за да го направи тоа претходно беше планирана изградбата на Јужен тек, која под притисок на Брисел пропадна, а сега се планира Турски тек.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.