Гатузо сака да биде тренер на Интер или Јувентус

Легендарниот фудбалер на Милан и миленик на најверните фанови на седумкратниот европски клупски шампион, Џенаро Гатузо откри дека нема да ја одбие евентуалната понуда да биде тренер на најголемите ривали на Милан, Интер и Јувентус.

„Пред неколку дена добив понуда од еден клуб кој се натпреварува во Малезија. Ја одбив нивната понуда, ќе останам во Италија до месец јуни. Секогаш сум расположен да бидам тренер на Глазгов Ренџерс, но сакам да бидам тренер и на друго место. Јувентус или Интер? Не ми се верува дека сега би биле заинтересирани за моите услуги, но нема да ги одбијам евентуалните понуди. Тоа е непрофесионално иако сум и ќе бидам најверен фан на Милан. Да бев фудбалер, сигурно ќе ја одбиев понудата на Интер или таа на Јувентус, но не е така кога си тренер”, изјави Гатузо.