Газдите да плаќаат породилно, а државата ќе им ги врати парите

Надоместокот за породилно отсуство да го плаќаат газдите на фирмите, заедно со исплата на платите на останатите вработени, а потоа да бараат поврат на средства од државата. Ова е суштината на проектот “Побрза исплата на надоместокот за породилно отсуство”, кој го подготви Фондот за здравствено осигурување и кој допрва треба да го предложи на одобрување во Владата.

Од ФЗОМ велат дека идејата на овој проект, кој би се реализирал како владина мерка за побрза исплата на породилното, е да се намали временската дупка за првата исплата на породилните и идните мајки првите два до три месеци од раѓањето на бебето да не останат без пари.

-Тоа значи дека родилките ќе ги добиваат надоместоците во исто време кога и нивните колеги ќе ја добиваат платата, а потоа ние ќе им префрлиме на фирмите онолку пари колку што им префрлиле на родилките. Ова со уште е идеја и разработени се три можни решенија, кои допрва треба да ги дадеме на одобрување во Влада, велат од ФЗОМ.

Трите можни решенија се разликуваат по тоа за кои фирми оваа новина би била задолжителна, а за кои би била прашање на избор.

-За големите фирми, кои имаат многу вработени и голем обрт на средства, да биде задолжително, а за помалите, во кои има помал обрт на средства, да изберат дали ќе го прифатат или ќе останат по старо”, велат од Фондот.

За да се реализира оваа идеја, ќе треба да се сменат законите за здравствено осигурување и за придонеси од задолжително социјално осигурување.
“Ако Владата го прифати овој проект, најрано што би можел да почне да се применува е 2016 година”, велат од Фондот за здравство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.