Свет

“Газевме едни преку други за да се спасиме! Го искусивме Титаник!”

“Газевме едни преку други за да се спасиме! Го искусивме Титаник!”

Патниците од запалениот траект ги совладала паниката, па тие не го почитувале ниту правилото дека треба прво да се спасат децата и жените, па меѓусебно се удирале само за да се спасат први. Сведоштвата за хоророт се навистина застрашувачки!

Преживеаните патници од траектот кој бил запален кај грчкиот остров Крф го опишале ужасот кој ги обземал кога сфатиле дека се наоѓаат во смртна опасност, опкружени со разбрануваното и немирно море.

Стотина патници и членови на посадата морале да се евакуираат на горната палуба, додека под неа се издигнувал пламен и чад од една од платформите на кои што гореле автомобилите. Бурното невреме во морето дополнително ги отежнувало напорите на спасителите кои што се обидувале со сите сили да дојдат до загрозените патници.

Британецот Ник Ченинг Вилијамс во разговорот за ”Sky News” раскажал дека го разбудил алармот за пожар околу пет часот наутро.

“Додека пристигнавме до палубата, пламенот веќе беше огромен. Многу автомобили гореа, сето тоа беше застрашувачко”, изјавил Вилијамс, додавајќи дека уште од рано наутро стоеле на палубата, додека врз нив паѓал дождот и така било цел ден, а во текот на ноќта нештата биле уште пострашни, пред се затоа што бродот се навалил на едната страна.

“Се обидовме со јажиња да се симнеме до спасувачките чамци. По три обиди, јажето се скина и моравме да се откажеме”, додал Вилијамс. “Нашиот обид заврши, така што моравме да се качуваме назад со јажињата преку еден од прозорците на траектот, се до местото од каде што патниците се евакуираа со хеликоптер”, се присетил Вилијамс на страшните моменти.

Во текот на неизвесното спасување на нивните животи, Ченинг Вилијамс и неговата свршеница, Регина Теофили од Грција, биле раздвоени. Како што се присетува Ченинг Вилијамс, нивната повторна средба во болницата била исклучително емотивен момент.

Христос Перлис, возач на камион од Грција, опишал како му гореле нозете, додека истовремено му биле наврнати до гола кожа. “Газевме едни преку други во обидот да пристигнеме до хеликоптерот”, изјавил Перлис, додавајќи дека сите патници ги совладала паниката, па не го почитувале правилото дека прво треба да се спасат децата, па потоа жените и на крајот мажите, но во нивниот случај, тие меѓусебно се удирале за први да се спасат.

Патникот од Турција, Садет Бајхан во разговорот за турската телевизија ”NTV” изјавил дека пламенот го зафатил бродот за само пет минути, а за толку кратко време тие немале време да се снајдат. “Го искусивме Титаник, единствено недостасуваше да потонеме”, се присетил Садет.

2

3

4

5