Гази Баба и Чаир плодно тло за македонските џихадисти

Седуммина од десетте македонски вахабисти за кои официјално е потврдено дека загинале во Сирија и Ирак биле жители на скопската општина Чаир, а петмина биле од исто маало во населбата Гази Баба, дознава „Дневник“ од сигурни извори. Двајца џихадисти живееле на иста улица, а други тројца на улици во радиус од педесетина метри, во маалото меѓу џамиите „Јахја-паша“ и „Тутунсуз“ за кои Исламската верска заедница (ИВЗ) предупреди дека се преземени од вахабисти.

На иста улица во подножјето на ридот Гази Баба живееле двајца македонски вахабисти кои загинале во џихад. Месуд Мусли (28), припадник на Исламската држава, загинал во Басра во Ирак минатата среда и е последен на листата со официјално потврдени жртви на џихад од Македонија и засега единствен што загинал во борбите на оваа исламистичка група во Ирак. Минатиот ноември во џихад во Сирија загинал и соседот на Мусли, Ријад Мемиши (23), пишува „Дневник“.

Една улица погоре на падините на Гази Баба живеел Бурхан Беслими (25), кој загина во Сирија минатиот месец.

Во истото маало, на две паралелни улици, живееле уште двајца скопски џихадисти. Башким Бела (24) во јули загина во борбите во Сирија, а од истото маало потекнувал и Сами Абдулаху, школуван во медресата во Kондово, кој загинал во Сирија во август лани.

Уште двајца од официјалниот список со загинати џихадисти се жители на Скопје, и двајцата на општина Чаир. Џелал Самакова (33), последната жртва на конфликтот во Сирија, кој загина на почетокот од месецов, живеел во мала уличка кај улицата Џон Kенеди, а од истата населба потекнувал и Б.Ш. (23), џихадист што загинал во Сирија на 23 ноември лани.

Официјалниот список на македонски државјани загинати во џихад во Сирија и Ирак досега брои десет имиња, потврдени од сигурни извори. Но, медиумите на албански јазик од земјава и регионот јавуваат за уште неколку џихадисти од Македонија кои загинале во Сирија. Засега овие имиња не се официјално потврдени.

Останатите тројца џихадисти од официјалниот список потекнуваат од Kуманово, од скопското село Грчец и од гостиварското Беловишта. Аднан Реџепи (33) од Kуманово загинал во Сирија во мај годинава, а Расим Зеќири (29), првиот македонски државјанин загинат во Сирија, загинал во пролетта 2013 година. Зеќири бил иселеник во Австрија од каде што и заминал на џихад. Иселеник бил и Ниметула Имери (38), кој од Германија лани заминал во Сирија и заедно со скопјанецот Сами Абдулаху загинал во битката за преземање на затворот во Алепо од владините сили во август лани.

Безбедносни извори наведуваат дека ниеден од загинатите џихадисти не се школувал во верски училишта во арапските земји и дека речиси сите потекнувале од средноимотни семејства. Сите, според изворите, биле следбеници на салафизмот, идеологија која буквално ги толкува светите книги на исламот. ИВЗ, пак, тврди дека станува збор за политичко-верската секта вахабисти за кои предупреди дека ги презеле скопските Јахја-пашина џамија и „Тутунсуз“, во чија непосредна близина живееле половина од досега загинатите џихадисти.

Мунифер Kарамалески, по потекло од Македонија, е еден од педесетината џихадисти од Италија кои заминале во Сирија, јавуваат италијанските медиуми. Kарамалески (25) седум години живеел во северна Италија, а пред крајот на минатата година ненадејно заминал со сопругата и трите деца. Медиумите пренесуваат изјава на сестрата на Мунифер, на која и’ се јавил од Сирија, објави „Дневник“.