Гечевски и Чековски се селат во Работнички

Кошаркарскиот клуб на Работнички од наредната натпреварувачка сезона ќе биде зајакнат со две големи ѕвезди. Станува збор за Тодор Гечевски и Ѓорѓи Чековски кои сигурно ќе бидат огромни засилувања под кошевите во дресот на тимот од “Градски Парк“, пренесува официјалната фејсбук страница.

Двајцата играчи ќе им се придружат на Марко Симоновски, Дарко Соколов и Димитар Мираковски во составот предводе од поранешниот македонски селектор Марин Докузовски.

Остатокот од екипата ќе биде познат кон крајот на оваа недела. Гечевски и Чековски доаѓаат од редовите на нашиот шампион МЗТ Скопје Аеродром.

Во својата кариера Гечевски настапувал за Тиквеш, Никол Ферт, Аир Авелино, Хаген, Левски Софија, ПАОК, Задар, лани во Јадранската лига за МЗТ имаше учинок од 11.3 поени, 4.9 скокови, 1.7 асистенција и 1.0 украдена топка за 24. одиграни мечеви, во македонската лига имаше просечно 13.8 поени, 5.3 скокови, 1.1 асистенција, 1.0 украдена топка за 15. мечеви.

Чековски претходно ги бранеше боите на Левски Софија, Феро-ЗНТУ, Фени Индустри, Черкаси, Лукоил Академик, Сигал Приштина, Геоплин Слован. Чековски лани во АБА лигата имаше 9.2 поени, 3.6 скокови, 1.1 асистенција за 23. мечеви, додека во македонската лига имаше учинок од 13.7 поени, 4.7 скокови, 1.7 асистенција.