„Гемиџиите“ денеска ќе ја пловат последната етапа до Гевгелија

Учесниците на Вардарската регата „Гемиџии“ денеска ќе пловат по Вардар на последната етапа од Марвинци до Гевгелија

Учесниците на Вардарската регата „Гемиџии“ денеска ќе пловат по Вардар на последната етапа од Марвинци до Гевгелија.

Над стоте учесници со 12 гумени чамци и дрвениот чамец – гемија се очекува околу пладне да пристигнат во Гевгелија каде е најавено дека ќе ги пречека градоначалникот Иван Франгов.

Вардарската регата „Гемиџии“ 2015 стартуваше на 25 јуни од Велес од под Мало Мовче во близина на споменикот на Гемиџиите или Солунските атантатори во чија чест и се одржува регатата. Втора година меѓу пловните објекти е и дрвниот чамец гемија кој е налик на гемиите со кои пред повеќе од сто години од Велес до Солун пловеле велешките трговци.

Годинава, на регатата покрај претставници од Црвениот крст на Македонија, Армијата, Министерството за внатрешни работи и од здруженијата на извидници, учествуваат и претставници од бугарскиот Црвен крст и извидници од Србија. Учесниците првата етапа ја завршија и ноќеваа на воениот полигон Криволак, втората етапа беше на релација од Криволак до Демир Капија, а третата до Марвинци каде синоќа логоруваа.

Желбата на сите учесници е наскоро Вардарската регата да продолжи да плови низводно и после Гевгелија, односно до вливот на Вардар во Егејското Море.